Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанец претепан пред влезот од домот: претходно добивал закани од таткото на вереницата
Утрово во 00:05 часот во СВР Скопје, Б.И.(18) од Скопје пријавил дека пред влезот на неговиот дом на подрачјето на Чаир во Скопје, неколку лица физички го нападнале.
Според пријавеното, тој се сомнева дека нападот е извршен поради нарушени односи со неговата вереница и дека неколку пати добивал пораки со закани од нејзиниот татко.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Ја претепал 48-годишната сопруга: уапсен маж од Кичево
Синоќа во 19:50 часот во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода Т.Д.(53) од Кичево.
Полицијата постапила по претходна пријава дека тој во семејниот дом физички ја нападнал неговата 48-годишна сопруга.
По целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Кривична пријава за охриѓанец: бесправно градел
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.А.(67) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
На катастарска парцела во Охрид,тој без правосилно одобрение за градење издадено од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште од општина Охрид, извршил доградба на постоечки објект, по што е донесено решение за отстранување на градбата.

