Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Тинејџер нападнат во училишен двор во Влае по расправија на социјална мрежа
По претходно недоразбирање на социјална мрежа, 14-годишно момче било физички нападнато од друг малолетник во дворот на основно училиште во скопската населба Влае.
Инцидентот се случил на 21 јануари, околу 12 часот, а нападот го пријавил таткото на оштетениот, Ш.Ч. (39) од Скопје, еден ден подоцна во Полициската станица Карпош.
Според пријавата, неговиот син се здобил со повреди.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Излегол од автобус и му предал пакет со јод, приведени двајца на бензинска пумпа кај Куманово
Двајца мажи се приведени откако биле фатени при примопредавање на сомнителен пакет со јод, без соодветна документација, на паркинг од бензинска пумпа на автопатот Куманово–Скопје.
Како што информира МВР, на 22 јануари 2026 година, околу 03:10 часот, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во БЈБ ги лишиле од слобода Б.К. (40) од Турција и А.Д. (56) од село Слупчане, општина Липково.
Според информациите, Б.К., кој патувал со автобус од Турција кон Косово, извадил пакет од автобусот и го предал на А.Д., кој го чекал со патничко возило „Цитроен Ц5“ со кумановски регистарски ознаки. По предавањето на пакетот, А.Д. бил веднаш сопрен и контролиран од полицијата. Во неговото возило, во пакетот, бил пронајден јод без соодветна документација, материја за чие внесување, чување и продавање е потребна посебна лиценца од Министерството за здравство.
Двајцата мажи се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Малолетник ограбен со закани на игралиште во Центар – едниот од напаѓачите бил вооружен со остар предмет
На игралиште во центарот на Скопје, тројца напаѓачи ограбиле малолетник кој бил во друштво со двајца другари.
Едниот од сторителите, според пријавата, се заканувал со остар предмет.
Инцидентот го пријавил таткото на оштетениот, а според неговата пријава, од син му со закани биле одземени пари.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

