Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Татко ја претепал 16-годишната ќерка во семејниот дом
Полициски службеници од СВР Штип го привеле Т.Ј. (44) од Кочани, по претходна пријава дека физички ја нападнал својата 16-годишна ќерка, соопштија од полицијата.
Според пријавата, на 5 јануари 2026 година, во семејниот дом, Т.Ј. со употреба на тврд предмет ја нападнал неговата ќерка и ѝ го одзел мобилниот телефон.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Кривична пријава за обид за убиство во Охрид, маж пукал кон возач
СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Т. (40) од охридското село Лескоец поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Убиство во обид“, информираат од полицијата.
Како што се наведува во соопштението, на 30 декември 2025 година околу 01:00 часот, М.Т. со огнено оружје пукал кон паркирано патничко возило „Голф“ во близина на струшкото село Ливада. Возачот, Џ.Д.П. (40) од Охрид, се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Струга.
Потоа, со закани кон сопатничката во возилото, М.Т. ја принудил да влезе во неговото возило. СВР Охрид ја поднесе кривичната пријава поради сериозноста на настанот и постоењето основи за сторено кривично дело.
Топ
86-годишна жена од Виница измамена за 30.000 евра, лажен лекар ја довел во заблуда дека ќерката е повредена
Осумдесет и шестгодишна жена од Виница пријавила дека била жртва на телефонска измама во која останала без 30.000 евра, откако непознато лице ѝ се претставило како лекар од Словенија и ја довело во заблуда дека нејзината ќерка е тешко повредена.
Како што соопштија од ОВР Виница, на 23 јануари 2026 година во 08:50 часот, жената пријавила дека лицето телефонски ја контактирало и ѝ кажало дека нејзината ќерка, која престојувала на привремена работа во Словенија, се здобила со тешки телесни повреди и дека за итна операција била потребна поголема сума пари.
Според пријавеното, таа ги подигнала парите од банка и, согласно упатствата што ги добила, во дворот од семејната куќа ги предала на лице кое дошло да ги преземе.
Откако подоцна стапила во контакт со нејзината ќерка, жената сфатила дека станува збор за измама.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

