Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седум лица пријавени за измама по лажна пријава за сообраќајка во Тетово
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Б. (20) од село Горна Речица, Н.М. (66) од село Мала Речица, И.И. (51) од Тетово, А.Р. (58) од Тетово, И.Р. (38) од село Градец, гостиварско и Н.М. (23) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“, како и против А.Б. (47) од Тетово поради сомнение за „помагање“ во врска со кривичното дело.
Според информациите од МВР, на 3 јуни 2025 година, прво- и второпријавениот, по случена сообраќајна незгода помеѓу две патнички возила, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, посочиле дека како учесници во незгодата биле и третото, четвртото, петтото и шестото пријавено лице, иако тие не биле дел од настанот.
Седмопријавениот, според пријавата, ги советувал останатите како да постапат, односно да се упатат во Клиничка болница Тетово и да се пријават како учесници во сообраќајна незгода со цел да остварат паричен надомест.
Црна хроника
Пиштол и куршуми пронајдени кај жител на Зајас: поднесена кривична пријава
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ф.З.(82) од селото Зајас, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Имено, на 18.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во селото Зајас, при што биле пронајдени и одземени пиштол со калибар 9 мм и 38 куршуми со калибар 9 милиметри.
Црна хроника
Охриѓанец претепал 34-годишна жена и нејзиниот малолетен син
Синоќа во Охрид во 17:37 часот, на улица „7 Ноември“ Ф.И(38) физички ја нападнал Н.Н.(34) и нејзиниот малолетен син, сите од Охрид.
Полицијата информира дека по целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

