Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Патник од Турција ограбен во скопско такси кога ги извадил парите и прашал „колку кошта услугата“
Државјанин на Турција бил ограбен во такси возило.
Според информацијата од полицијата, 27-годишниот А.Ј.Е. од Турција вчера пријавил дека заедно со сопругата се качиле во возилото пред трговски центар на подрачјето на Гази Баба. Крајната дестинација им била Бит Пазар.
Кога пристигнале, патникот извадил 2000 денари и 50 евра и го прашал такси возачот колку треба да плати за услугата, а тој му ги одзел парите и ги избркал од возилото.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Објект никнал без одобрение во Охрид, реагираше полицијата
Поднесена е кривична пријава против Г.Л.(66) од охридското село Лескоец, поради бесправно градење.
„Тој, без да добие соодветно правосилно градежно одобрение за градење, издадено од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште од општина Охрид, на катастарска парцела лоцирана во месноста „Дебело поле“ во близина на Охрид, бесправно изградил објект“, соопшти СВР Охрид.
Црна хроника
Оружје најдено на нива во струшко
Вчера во струшката полиција било пријавено дека во нива покрај локалниот пат меѓу струшките села Ливада и Корошишта бил пронајден пиштол марка „застава“, калибар 6.35 милиметри, како и пет куршуми.
Увид на местото извршиле полициски екипи, по што пронајдените предмети се подигнати за натамошна постапка.
По целосно расчистување на настанот, ќе следи соодветен поднесок.

