Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Тешко повреден 19-годишен скопјанец откако паднал од трет кат на куќа во Илинден
Тешко повреден 19-годишен скопјанец откако паднал од трет кат на куќа во општина Илинден.
Инцидентот се случил вчера вечер околу 20 часот, кога младиот човек, кој бил на гости кај роднини заедно со својата мајка, паднал од третиот кат на куќа во Илинден. Според првичните информации, тој имал здравствени проблеми.
По падот, 19-годишникот се здобил со тешки телесни повреди и итно бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што лекарите ја констатирале сериозноста на повредите.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои дошло до несреќата.
Црна хроника
Кавадарчани краделе клупа поставена од општината, полицијата ги фати на дело
Вчера во 22:00 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги лишија од слобода Е.М.(23) и А.М.(26), двајцата од Кавадарци, постапувајќи по претходна пријава дека на улица „Видое Смилевски Бато“ во Кавадарци одзеле клупа, сопственост на општина Кавадарци.
Полициските службеници извршиле преглед на патничко возило „форд“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од А.М., каде била пронајдена и одземена клупа.
Тие се приведени во полициска станица, одземеното ќе биде вратено на сопственикот и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Кај 17-годишници пронајдени 48 пакувања марихуана
Двајца малолетници на 17-годишна возраст се приведени синоќа во Битола, откако полицијата кај нив пронашла 48 пакувања со марихуана, информираат од СВР Битола.
Инцидентот се случил околу 20:40 часот, во дворот на едно основно училиште во градот, каде што полициски службеници извршиле контрола врз двајцата тинејџери. При прегледот, кај нив биле откриени и одземени поголем број пакувања со наркотична дрога, за кои се сомнева дека биле наменети за препродажба.
За време на интервенцијата, ситуацијата дополнително се влошила кога еден од малолетниците физички нападнал полициски службеник, по што двајцата биле веднаш лишени од слобода.
Од полицијата информираат дека случајот е во фаза на целосно документирање, по што ќе следуваат соодветни законски постапки против инволвираните лица, во согласност со законите што се однесуваат на малолетници.

