Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Кривични пријави за „измама“ и „давање лажен исказ“: изготвиле фактури иако знаеле дека договорите за превоз на ученици во Тетово биле истечени
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.З.(46) од Тетово и против правно лице –транспортно претпријатие од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ и „давање лажен исказ“.
Во текот на септември и октомври 2024 година, пријавените, иако знаеле дека договорот за превоз на редовни ученици, склучен помеѓу пријавените и средно училиште бил истечен, без правен основ изготвиле фактури во износ од 15.034.110 денари за двата месеци и ги доставиле до надлежните служби на училиштето со намера да биде извршена наплата. Пријавените не успеале да ги доведат во заблуда надлежните во училиштето, по што на нотар дале лажен исказ и ги доставиле фактурите со барање да изготви предлог решение за нотарски платен налог, кое било донесено од нотарот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ќ.Ф.(59) од с.Шемшово и правно лице од с.Шемшево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „давање лажен исказ“. Во текот на септември и октомври 2024, пријавените, иако знаеле дека договорот за превоз на редовни ученици склучен помеѓу пријавените и средно училиште во Тетово бил истечен, на 10.06.2025 без правен основ, изготвиле фактури за 09-ти и 10-ти месец 2024 во вкупен износ од 2.152.447 денари, а потоа ги доставиле до надлежните служби на наведеното училиште, со намера да ги доведат во заблуда и да биде извршена наплата на доставените фактури.
Пријавените кај нотар дале лажен исказ, барајќи да изготви предлог решение за нотарски платен налог.
Топ
Ја убиле со пиштол, телото го спуштиле во дупка и го запалиле: истрага против две лица за свирепо убиство на жена во гостиварско Неготино
Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени дека извршиле кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот и осомничената, како соизвршители, во гостиварско Неготино, на свиреп начин ја лишиле од живот Хавва Азизи од селото Здуње. Жртвата ја зеле од пред нејзиниот дом на 7 декември, ја однеле во куќата на осомничените, каде започнале расправија за одредени недоразбирања.
Потоа ја затвориле во помошна просторија во сопственост на лице кое престојува во странство. Осомничената донела пиштол, а осомничениот го извршил убиството со еден истрел од огненото оружје.
Заедно со количка го внеле телото на жртвата во автомобилот, го однеле во атарот на селото Неготино, каде го спуштиле во ископана дупка, го запалиле и го покриле со земја, гранки и различни предмети.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Црна хроника
Командир и четворица полицајци од Чегране прикривале дивоградба
Полицијата поднесе кривична пријава против Б.И., командир на Полициско одделение Чегране, К.Б., Т.Е., В.Т. и Б.Е. , сите полициски службеници од Полициско одделение Чегране при СВР Тетово, поради основи на сомнение за сторно кривично дело ,,попречување на правдата“.
Пријавените полициски службеници во повеќе наврати во текот на 2025 година, постапувајќи по поплака за бесправно градење од подносител, измениле и изготвиле дополнителен службен материјал со кој ја промениле фактичката состојба, со што го спречиле, прикриле и го отежнале докажувањето за утврдување на бесправното градење во постапка која се води пред суд или друг орган надлежен за утврдување на бесправно градење.
Воедно, пријавените извршиле преквалификација на примената поплака за бесправно градење во прекршок за лажно пријавување спрема подносителот на поплаката на начин што без да ја констатираат фактичката состојба изготвиле записник за констатиран прекршок и барање за поведување на прекршочна постапка против подносителот на поплаката.
Против полициските службеници ќе биде поднесен предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени задолжителни мерки за одземање на службеното оружје и муниција и упатување на задолжителен психолошки и психијатриски преглед.

