Црна хроника
„Ќелија 3“: Уапсените припадници на IS посетувале верски предавања на радикални имами во Скопје и Куманово
Петмината македонски дравјани кои беа уапсени во Турција под сомнение дека се припадници на терористичката Исламска Држава (ИС) биле заведени од џихадисти во Македонија и посетувале верски предавања на радикални имами во нивните градови каде започнало нивното индоктринирање и радикализирање во кое биле инволвирани лица опфатени во претходните акции „Ќелија“, соопшти Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Акцијата којашто била спроведена во соработка на македонската и турската полиција, била изведена на 12 август во едно од собиралиштата на џихадисти лоцирано во населбата Аксарај.
Во собиралиштето осомничените биле сместени заедно со уште четири лица од Албанија, Сирија, Палестина и Мароко и чекале поволни услови за трансфер во Сирија.
При апењето две лица се обиделе да избегаат, при што се здобиле со тешки повреди. По апењето лицата биле однесени во Прифатниот центар за странци во Истанбул.
Тројца од уапсените се од Куманово, а двајца од Скопје. Двајца кумановци на возраст од 21 и 24 година заминале за Турција на 22-ри минатиот месец со автобус, при што оствариле излез на Граничниот премин Табановце, за потоа преку Ниш и Софија да пристигнат во Истанбул, додека останатите три лица, едно од Куманово и две од Скопје на возраст од 18, 19 и 20 години, заминале за Турција кон крајот на минатиот месец исто така со автобус, но преку Граничниот премин Богородица.
За две од лицата нивното исчезнување било пријавено и во полиција од страна на нивните родители.
Според сознанијата на МВР, лицата претходно биле поттикнати и организирани од македонски државјани-џихадисти кои подолг период престојувале во Сирија, а осомничените заминале за Турција со единствена крајна цел приклучување кон муџахединските единици во Сирија.
„По преземените активности и документирањето на настанот осомничените биле вратени во Македонија и против нив е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ согласно член 322-а став 9 од Кривичниот Законик на Република Македонија. По поднесувањето на кривичната пријава од страна на судија на претходна постапка на сите пет пријавени лица определена им е мерка притвор“ изјави Чавков.
Министерството за внатрешни работи и во периодот што претстои продолжува со преземање на понатамошни мерки и активности за обезбедување на докази и против други лица вклучени во индоктринирање, помагање и логистика за испраќање на лица во редовите на муџахединските единици во Сирија и Ирак.
Исто така освен акцијата со турската безбедносни сили по претходно обезбедени сознанија, во соработка со албанската полиција на 14-ти август во Тирана беше уапсено уште едно лице по кое се трагаше, а беше опфатено во акцијата Ќелија која се спроведе август минатата година. По распишаната меѓународна потерница лицето беше приведено и во тек е постапка за негова екстрадиција.
Ова е трето продолжение на акцијата „Ќелија“. Првите 11 уапсени кои се товарат дека соработувале со екстремната сунитска организација Исламската држава ја признаа вината и се осудени, а во акцијата „Ќелија 2“ беше поднесена кривична пријава против седум лица, четворица беа уапсени, а тројца недостапни за полицијата.
Меѓу осудените има и еден Македонец, а меѓу нив е и Имамот од Тутунсуз џамијата во Скопје./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

