Црна хроника
Кривична пријава за скопјанец поради џепна кражба
СВР-Скопје, Одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција-Центар и Бит Пазар поднесе кривична пријава против 35-годишниот И.С.од Скопје поради постоење основано сомнение дека извршил две кривични дела и тоа едно кривично дело ,,кражба“ (џепна) и едно кривично дело „навлегување во компјутерски систем“ при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 31 илјада денари, за што од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.
Имено пријавениот И.С. на 12-ти јули во претпладневните часови , во автобус на ЈСП број 9 кој се обраќал на релација од Топанско Поле кон Бит Пазар, поточно од автобуската постојка на улица Цветан Димов до автобуската постојка кај Бит Пазар, искористувајќи ја гужвата и невниманието на оштетениот, со протнување на раката во десниот преден џеб од панталоните му го украл паричникот во кој имало лична карта, трансакциска сметка , банкарски картички од повеќе банки, електронска картичка од ЈСП и околу 490 денари.
По извршеното кривично дело пријавениот во паричникот ги пронашол пиновите од две банкарски картички, и од банкоматот на Халк банка АД Скопје лоциран во Старата скопска чаршија извршил осум успешни трансакции при што подигнал вкупно 30 илјади денари.
Од страна на полициски службеници од Одделението за имотни деликти и малолетничка деликвенција Центар и Бит Пазар, превземени се мерки и активности при што врз основа на претходно поднесено барање од Халк банка АД Скопје подигнато е едно ЦД со снимен видео запис од безбедносните камери на нивниот банкомат во времето на подигање на парите и листинг со точното време на подигнување на парите од банкоматот.
Од добиеното ЦД од страна на ЕУМНА при СВР Скопје изготвен е фото албум. Врз основа на претходно добиена наредба од Основен суд Скопје 1- Скопје , на 27-ми септември бил извршен претрес во домот на пријавениот И.С. при што не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривични дела. По извршениот претрес пријавениот бил приведен во ПС ОН Бит Пазар и со истиот бил извршен разговор. Инаку И.С. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти за што од страна на СВР Скопје поднесени му се пет кривични пријави за сторени кривични дела „разбојништво“, „тешка кражба“ и „кражба“. /крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Залутан куршум заврши во куќа во Долно Лисиче
Вчера во СВР Скопје, Д.А. од село Долно Лисиче, скопско, пријавил дека, додека седел во дворот од куќата, слушнал истрел, а потоа пронашол заталкано зрно од огнено оружје, кое му го оштетило стаклото од балконот.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а зрното било подигнато за понатамошна постапка.
Црна хроника
Измама со крипто валути, кумановец останал без 43.750 евра
Вчера во СВР Велес, 48-годишен кумановец пријавил дека бил измамен за сума од 43.750 евра.
Според пријавеното, тој на социјална мрежа објавил оглас за откупување на крипто валута, а подоцна преку друга социјална мрежа контактирал со лице со кое се договориле во крипто менувачница во Велес да ги уплати парите, а за возврат да му се исплатат крипто средства.
Пријавителот ги предал парите на лице вработено во менувачницата во Велес и му било кажано дека истите се испратени на наведената адреса, но тој на својата адреса не ги примил крипто средствата, а лицето со кое контактирал го избришало разговорот од социјалната мрежа и ги блокирал неговиот број и бројот на менувачницата, по што сфатил дека бил измамен.
Известен бил јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
фото/Depositphotos
Топ
Уапсена лихварка од Струмица: дала 2.700 евра, а барала да се вратат 15 илјади евра, фатена кога ја примала каматата
Вчера во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода 53-годишната Ј.Т. од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра.
Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода.
Притоа, бил извршен преглед кај неа и биле пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства кои ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во нејзиниот дом, при што се пронајдени и одземени пари (денари и евра), нотарски акти, како и тетратки и листови на кои ги евидирала дадени износи на пари, од кои е утврдено дека Ј.Т. досега во повеќе наврати давала пари на лица, а тие требало да ѝ вратат несразмерен износ со кој таа се стекнувала со противправна имотна корист.
Ј.Т. е задржана во Полициската станица Струмица и за случајот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.

