Црна хроника
Македонската полиција побарала помош од Косово за нападот во Гошинце – видео
Претставници на македонската и косовската полиција попладнево одржале средба на високо оперативно ниво во Приштина по инцидентот што се случи кога вооружена група, според МВР, ја нападна караулата Гошинце и зароби четворица полицајци.
Македонското министерство за внатрешни работи ги презентирало информациите на своите колеги за нападот и побарале поддршка за расчистување на инцидентот.Од косовската полиција соопштија дека имаат патроли на граничната линија, но не забележале раздвижување на лица или групи од Косово во Македонија. Косовските медиуми, пак, синоќа објавија писмо потпишано од извесен командант Фљамури, според кое УЧК ја презема одговорноста за нападот во Гошинце.„Дискриминацијата и репресијата врз Албанците во Македонија стана неподнослива. Декаденцијата, политичката неспособност, економската и културна дискриминација и социјалниот развој бараат повторно будење на УЧК. Ги повикуваме сите службеници, особено Албанците веднаш да ги облечат униформите и да се приклучат на востанието. Првата победа на УЧК во Гошинце ни дава сила за други големи победи“, се вели во соопштението.Полицијата синоќа го завршила увидот на терен од каде се подигнати траги кои што се однесени на вештачење и обработка. Министерството за внатрешни работи во вторникот соопшти дека државните институции биле цел на терористички напад. Според МВР, четириесетина вооружени лица со униформи на УЧК, најверојатно од Косово ноќта во понеделникот спроти вторникот ја нападнаа караулата Гошинце, во Липковскиот регион, во близина на северната граница. Заробиле четворица полицајци преку кои пратиле порака дека сакаат своја држава и дека не признаваат никаков Охридски договор. Еден од полицајците не бил врзан и по половина час од нападот, како што им рекле напаѓачите, ги ослободил своите колеги.Медиумите кои стигнаа во близина на Гошинце, генерално пренесуваат дека атмосферата е мирна, дека нема тензии, а полицијата стигнала на местото 12 часа по инцидентот. /крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Истрага за свирепо убиство во Челопек: Млад маж убил старица што живеела сама, се проверува и поврзаноста со слични злосторства
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило убиство.
На точно неутврден датум во периодот од 27.01 до 12.02.2026 година, осомничениот 25-годишник во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жртвата, жена родена во 1947 година.
Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала.
Со интензивни координирани дејствија во изминатите неколку дена на ОЈО Куманово и истражниот центар во тоа обвинителство, МВР и екипите на Институтот за судска медицина обезбедени се докази кои укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско.
Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат.
Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката.
Осомничениот од моментот на неговото откривање веднаш е лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење на осомничениот од страна на тим вешти лица – форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

