Црна хроника
Нови сведоци за судирот во „Дива населба“
Во Основниот суд Скопје 1 во четврток продолжува судењето за судирот меѓу македонската полиција и вооружената група во кумановската „Дива населба“ што се случи во мај минатата година.
Во судот треба да се појават нови сведоци за случајот, локално население како и оштетени.
Досега во судот сведочеа главно жители од кумановската населба, соседи на обвинетите кои живееле на улицата каде што се случуваа дводневните пукања, полицајците од полициската станица Гошинце, а на последното рочиште сведочеше и командирот на обвинетиот полицаец, Арсим Бајрами. Сите тие беа сведоци на обвинителството.
Жителите на кумановската населба воглавно тврдеа дека полицијата ги малтретирала и дека пукала, но некои од нив кажаа дека жените и децата од нивните семејства, пред пукањата во Куманово, заминале на гости кај роднини.
Командирот на полицаецот рече дека за време на судирот, Бајрами зел боледување бидејќи неговата ќерка била болна, но набргу бил уапсен.
Обвинетите пак кога се изјаснуваа дали се виновни или не, тврдеа дека водачите на групата не биле убиени во судирот, туку отпосле во полициска станица, дека во случајот се вмешани високи функционери на Управата за безбедност и разузнавање и дека целиот случај е „политичка игра“.
Во судирот во Куманово загинаа осум македонски полицајци и десет припадници на вооружената група, а обвинети се 29 лица кои одговараат за тероризам./крај/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Малолетник тешко повреден во сообраќајка на патот Прилеп–Македонски Брод
Ноќеска во 02:00 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп–Македонски Брод се случила сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Според информациите, несреќата се случила меѓу „ауди“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Ф.И. од село Дебреште, и „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Е.Ш. од истото село.
По несреќата, 17-годишен сопатник од возилото „ауди“ бил пренесен во Градска општа болница Прилеп, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ОВР Македонски Брод.
Се работи на целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Пријавени тепачки во Шуто Оризари
Во СВР Скопје било пријавено дека на 24.02.2026 година на подрачјето на Шуто Оризари, по претходна расправија помеѓу двајца малолетници, повеќе лица физички нападнале еден од малолетниците.
Според пријавата, во инцидентот учествувале М.Х. (22), И.Х. (23) и Р.Х. (46).
Подоцна било пријавено и нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.З. (54) и Р.З. (36) од една страна, и М.Х. и И.Х. од друга страна, сите од Скопје.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Жена пријавила физички напад од вонбрачен партнер во Драчево
Дваесет и двегодишна жена пријавила во СВР Скопје дека била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер.
Според пријавата, на 27.02.2026 година околу 12:00 часот, во дом на подрачјето на Драчево, таа била нападната од С.С. (22) од Скопје. Случајот бил пријавен во полиција во 16:30 часот истиот ден.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

