Црна хроника
Откриен финансиски криминал вреден 700.000 евра
Финансиската полиција во соработка со Основното јавно обвинителство од Скопје, открија уште еден голем случај на финансиски криминал каде главен протагонист повторно е градежна фирма од Скопје. Македонија е оштетена за сума од над 700.000 евра по основ неоснован поврат на ДДВ и други неплатени даноци.
Поради постоење на основано сомневање дека започнувајќи од 2010 година па се до 2015 година во континуитет вршел финансиски криминал, Финансиската полиција го уапси сопственикот и управител на градежната фирма Фарком Инженеринг од Скопје. Уапсениот е осомничен дека за периодот од 01.01.2010 до 31.12.2013 година година, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист, не водел уредна сметководствена евиденција, не пресметувал и не плаќал ДДВ по основ на издадени и наплатени фактури за извршена продажба на стоки и услуги на реномирани градежни фирми исто така од Скопје. Пријавениот за периодот 2010-2012 година не изготвил и не доставил ДДВ пријави до Управата за јавни приходи а за 2013 изготвил и доставил ДДВ пријави со невистинити податоци. Со цел да го избегне плаќањето на пријавената обрска за ДДВ заклучно со 31.12.2013 година, првопријавениот во периодот од 01.01.2014 до 30.06.2015 година изготвил и поднел шест фалсификувани ДДВ пријави до Управата за јавни приходи во кои прикажал невистинити податоци за влезниот промет, односно, во истите евидентирал фиктивен влезен промет за наводно извршени набавки на стоки и услуги со кои лажно прикажал даночно побарување по основ на поврат на ДДВ.Сопственикот и управител на градежната фирма не запрел само на неоснованиот поврат на ДДВ туку напротив во периодот од 15.01.2010 година до 31.12.2013 година, свесно и со намера да се стекне со противправна имотна корист од сметката на фирмата, без никаков основ подигнал во готово 1.350.000 евра без да плати персонален данок на доход. Со цел прикривање на затаените средства првопријавениот за 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година изготвил Завршни сметки со невистинити податоци и истите ги поднел до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

