Црна хроника
Отворена постапка против три лица за убиството на 26-годишен охриѓанец
Основното јавно обвинителство Охрид отвори постапка против три лица, осомничени за вчерашниот настан во кој животот го загуби 26-годишен жител на Охрид, соопштија во саботата од обвинителството и додаваат дека Основното ја продолжуваат истрагата за овој случај.
За трите лица, државјани на Србија, од страна на надлежен обвинител е побарано одредување мерка притвор. Судија на претходна постапка за трите лица определи притвор во времетраење од 30 дена. Еден од осомничените се гони за кривично дело Убиство од чл.123 ст.2 од Кривичниот законик – убиство извршено на свиреп начин. Другите двајца, пак, се товарат за кривично дело Помагање од чл. 365 од Кривичниот законик.Претходно охридската полиција соопшти дека го расветлила случајот околу смртта на младиот човек во новогодишната ноќ во близина на кафе барот „Табана“, соопштувајќи дека станува збор за жител на Охрид кој бил до смрт претепан од српски турист, како и дека против учесниците во насилството подигнало кривична пријава.Според СВР Охрид, станува збор за 26-годишниот Димитар Матлиески од Охрид, кој им подлегна на повредите во општата болница во Охрид, откако претходно пред кафе барот „Табана“ беше физички нападнат од српски турист. Српскиот државјанин на сега починатиот на плочникот од улицата пред влезот на кафе-барот му нанел повеќе удари со раце и нозе по главата и телото.На овој напад, му претходела жестока вербална расправија меѓу две групи во кои од една страна бил сега починатиот Димитар и уште други двајца негови пријатели, а од другата страна бил српскиот државјанин од Краљево со уште двајца други негови пријатели. Оваа вербална расправија со меѓусебна турканица се случила внатре во кафе барот „Табана“. Тука натамошниот тек на нарушувањето бил спречен од вработените во кафе барот. Напуштајќи го кафе барот, сега починатиот бил повторно физички нападнат од српскиот државјанин кој пред угостителскиот објект му задал повеќе силни удари со раце и нозе.Од местото на настанот, Димитар кој имал сериозни телесни повреди со возило на брза помош е пренесен во општата болница во Охрид каде по половина час им подлегнал на повредите.Охридската полиција го обезбеди местото на настанот и во содејство и присуство на Јавен обвинител извршен е увид и обезбедени се материјални траги. По добиени сознанија, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, со цел пронаоѓање на сторителите на кривичното дело.Во една од собите, пронајден е српскиот државјанин каде бил сокриен од неговите двајца пријатели. Во истата соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на обвинетиот. Во другите простории пронајдени се вкупно пет други српски државјани кои биле заедно со осомничениот и биле соучесници во нарушувањето на јавнит ред и мир во објектот. Сите лица се приведени во СВР Охрид а три од нив по дополнителни оперативни мерки беа задржани.Претходно преземени се мерки за анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект. По наредба на јавниот обвинител, беше извршена обдукција врз телото на починатиот. /крај/мф/ап
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

