Црна хроника
Уапсени тројца насилници кои тепаа малолетници во 57-ца
Полицијата уапси тројца насилници кои во август во два одвоени инциденти претепаа двајца малолетници во автобус на ЈСП број 57.
Министерството за внатрешни работи ги откри лицата кои минатиот месец извршија насилнички напади во автобус на ЈСП на линијата 57. Едно од трите лица, кои се на возраст од 18 и 19 години, и претходно е пријавувано за насилство на истата автобуска линија. Во двата напади што се случија во август жртви беа малолетници на возраст од 15 и 17 години.
Против насилниците Б.Б.(18) и И.Е.(19) и И.И.(18) се поднесени кривични пријави поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело „насилство“. Истите се уапсени, а судот им одреди притор од осум дена.
Имено, пријавените Б.Б. и И.Е. на 10-ти август околу 02:40 часот во автобус на ЈСП со број 57 кој сообраќал на релација од населба Козле до населба Радишани, на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“ во непосредна близина на поранешна албанска амбасада, најпрво грубо го навредувале лицето Ф.Б.(15), а потоа го удирале со боксови и клоци во пределот на главата и телото, потсетува МВР.
Подоцна на 31-ви август околу 01,40 часот исто така во автобус на ЈСП со број 57 и на истата локација, тројцата пријавени лица најпрво грубо го навредувале лицето Х.К.(17), а потоа почнале да му удираат боксови во пределот на стомакот.
Во првите шест месеци од годинава на подрачјето на Скопје се регистрирани 49 случаи на насилство. Од нив, 41 случај е целосно расчистен и документиран за што се пријавени 105 лица. Од пријавените, 49 лица биле полнолетни, 52 малолетни, а четири биле деца, соопшти МВР.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

