Црна хроника
Затворска казна за еден демонстрант и условни казни за тројца демонстранти за протестите пред Влада
Тројца демонстранти од првата група добија условни казни, додека еден демонстрант кој не е достапен за полицијата доби затворска казна за протестите пред Влада на 5-ти мај.
Тројцата демонстранти добија условни казни од три месеца, кои нема да се извршат доколку во рок од една година не сторат друго кривично дело. Тие ја признаа вината дека го сториле делото учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие.
Судот му одреди една година затвор на уште еден демонстрант, кој не е достапен на полицијата.
На судското рочиште што се одржа во вторникот на кое им се судеше на демонстрантите од првата група, двајца демонстранти исто така добија условни казни, додека двајца од нив се изјаснија дека не се виновни и судот за нив ќе одлучува дополнително.
Пред една седмица, пак, ѝ се судеше на втората група демонстранти, во којашто беа обвинети девет лица, осуммина добија условни казни освен вујкото на Мартин Нешкоски кој беше осуден на затвор, бидејќи и претходно бил осудуван за вакви дела.
Протестите пред Владата на 5-ти мај беа организирани по објавувањето на телефонските разговори во коишто наводно владини функционери се обидуваат да го сокријат убиството на Мартин Нешкоски и завршија со повредени и приведени./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

