Топ
Полицаец се обидел да внесе дрога во Идризово, приведен е

Приведен е полицаец поради сомнеж дека се обидел да пренесува дрога во Идризово.
„При претрес на Х.А.(42) од Скопје, вработен како полицаец во Затворска полиција, пронајдени се две пакувања и се посомневале дека пренесува дрога. Полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје излегле на местото и било констатирано дека во пакувањата има растителна материја и бела прашкаста материја“, соопшти МВР.
Тој бил приведен и задржан во полициска станица, а во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити не исклучува можност да биде кандидат за градоначалник на Чаир: Сè е на маса

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, не ја исклучува можноста да му биде противкандидат на Бујар Османи за градоначалник на Чаир на претстојните локални избори. Откога Османи јавно кажа дека размислува за кандидатура, Меџити одговарајќи на новинарски прашања попладнево во Владата, рече дека засега не е исклучена можноста тој да биде кандидат за градоначалник на Чаир.
„Сега-засега ништо не е исклучено. Засега е одлучено само да го поддржиме независниот кандидат за Струга Менди Ќура. Се друго е на маса. Ќе бидете известени истиот ден кога ќе ја донесеме одлуката“, рече Меџити.
Тој кажа дека Вреди ќе донесе конечни одлуки за кандидати за градоначалници откога ќе ги добие резултатите од повеќе анкети од професионални агенции за кои Меџити вели дека се во тек.
„Како Влен сме фокусирани да ги дадеме најдобрите, најлвалитетните кандидати во секоја општина која со што ќе ја потврдиме големата победа на Влен и на локалните избори како на претходните парламентарни избори“, рече Меџити.
Тој е довчерашен член на ДУИ, партија која трипати го предложи за градоначалник на Чаир и тој 12 години беше на чело на Општината. Првиот мандат го доби во 2005 година, а потоа уште двапати беше реизбран. Откога го заврши третио мандат, Меџити во 2017 година кажа дека нема да побара четврти мандат оти сака Општината да ја остави на помладите генерации во партијата.
Тогаш за градоначалник беше избран Висар Ганиу, како кадар на ДУИ. И Ганиу и Меџити, лани ја напуштија ДУИ и станаа дел од коалицијата Влен која годинава стана политичка партија.
Влен ќе одлучува за ново име кое ќе го предложи за градоначалник на Чаир оти веќе е извесно дека Ганиу ја изгуби поддршката кај јавноста по објавите за дивоградби и секојдневните обвинувања за криминал со нив од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Македонија
Активни три пожари во државата, оној кај Николиќ ставен под контрола

Активни се три пожари во државата, соопшти Надица Вчкова од Главниот штаб за управување со кризи.
Во моментот сѐ уште е активен пожарот во Велес кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, каде што гори мешана шума.
Активен пожар има и во Македонски Брод, помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа, таму гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
И во општина Василево, кај селото Нивичино, има активен пожар, каде што гори нискостеблеста шума.
Пожарот кај селото Николиќ веќе е ставен под контрола, информираа надлежните, а пожарот кај Чучер-Сандево е целосно изгаснат.
„Во согласност со главниот штаб за ангажирање ресурси, денеска се вклучени две специјализирани возила со екипаж ‘Пинцгауер’ како и два ‘ер трактора’ на Дирекцијата за заштита и спасување на подрачјето кај селата Крушје и Иванковци. Во гаснењето на овој пожар ангажирани се и 30 припадници на АРМ. Хеликоптерот на МВР е во поддршка на копнените сили во гаснењето на пожарот над село Нивичино во општина Струмица“, извести Вчкова.
Додаде дека сите ангажирани ресурси остануваат максимално ангажирани на сите подрачја сѐ додека целосно не се изгаснат активните пожари.
Македонија
Доцнење на прегледи и на резултати, скопјани со најмногу поплаки за здравството – Алиу ветува дека ќе го слуша гласот на народот

Министерството за здрвство добило 90 пријави од граѓани кои се пожалиле на функционирањето на здравствениот систем. Министерот за здравство Азир Алиу денес извести дека на новата алатка за пријавување неправилности, досега има 90 пријави.
„Во рамките на новата логика што ја градиме во здравството, логика на транспарентност и отчетност – веќе активно функционира алатката за пријавување неправилности преку која граѓаните може директно да пријават проблеми во системот. Досега регистрирани се 90 пријави, најмногу од Скопје, а најчести се поплаките за доцнење резултати, доцнење на прегледи и ангажмани на доктори во јавниот и во приватниот сектор. Но, најважно е што овие пријави и претставки не остануваат во фиока – секоја се разгледува од посебна работна група со цел да има институционална реакција. Ова е јасната политичка порака: времето кога здравствените проблеми се игнорираа заврши. Сега граѓаните имаат глас – и тој глас ќе се слуша“, ветува Алиу.
Тој кажа дека досега работните групи обработиле околу 60 од пристигнатите пријави и во нив нема пријава дека на пациенти му било барано мито. За две пријави оцениле дека навистина има индикации за понатамошно постапување.
„Тоа значи дека со тие информации ние ќе седнеме заедно со институциите кои што се поврзани со тие информации да ги објасниме процесите и зошто тоа се случува. Тие не се индикации поврзани со финансиска злоупотреба туку повеќе се индикации поврзани со недоволно оптимизирани здравствеи услуги во тие институции или долго чекање на граѓаните да добијат услуги во тие институции или поточно злоупотреба на тој ред што граѓаните сакаат да го има. Доаѓате навреме а добивате услуга после два-три часа“, рече министерот Алиу.
Тој денес најави дека во болниците во Штип, Тетово и Тичево ќе се инвестираат 205 милиони евра со кои очекува значително подобрување на здравствениот систем.