Daily news
Бочварски: Владата се зафати со решавање на проблемите на граѓаните на Штип
СДСМ и новата реформска Влада се зафатија со решавањето на проблемите на граѓаните на Штип и цела Македонија. По само 60-ина дена, ќе биде донесен ребалансот на буџетот, со што повеќе пари ќе се вратат назад кај граѓаните. Со ребалансот се кратат непродуктивните трошоци и луксузи од претходната влада и повеќе пари се насочуваат кон граѓаните. Со одговорното и домаќинско работење на Владата предводена од СДСМ се кратат 33 милиони евра за патни трошоци и тековни расходи, 13 милиони евра за проектот „Скопје 2014“ и 7 милиони евра во премиерскиот кабинет. Овие средства се ослободуваат за исполнување на дадените ветувања пред граѓаните, порачаа од општинската организација на СДСМ од Штип.
Како што изјави Благој Бочварски, потпретседател на СДСМ и пратеник во Собранието, Владата уште во првите сто дена од мандатот го решава долгогодишниот проблем со стечајните работници. Со ребалансот тие ќе добијат по 7.600 денари месечно сè до нивното пензионирање. „Ќе има покачување на минималната плата на 12 илјади денари веќе од септмеври. Тоа ќе значи повисок месечен приход за 70 илјади работници, особено во текстилната, кожарската и во индустријата за обувки, кои се најмногубројни токму тука во Штип. Ќе се обезбеди бесплатен одмор за 35 илјади текстилни работници. Радиодифузната такса ќе биде укината за сите граѓани, а ќе има зголемување на средствата за водоводи и канализации, како и поддршка за малите и средните претпријатија и активни мерки за вработување во висина од 4,2 милиони евра“, вели тој.
Според Бочварски, ова се само дел од придобивките за граѓаните на Штип и цела Македонија. „Во наредниот буџет за 2018 година ќе продолжиме да ги остваруваме нашите мерки кои се исклучиво во интерес на сите граѓани на Македонија. Владата предводена од СДСМ ќе продолжи на активно и посветено спроведување на програмата за која гласаа мнозинството граѓани и што носи економски напредок, ефикасни институции, правда и квалитетен живот за сите граѓани“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
