Daily news
(Видео) Најчевска: Граѓаните ги излажаа, нас нè изиграа, реформи во правосудството нема

Ниту еден член на Советот за спроведување реформи во правосудството не бил консултиран за законските решенија што Владата ги доставува до Собранието. Работните групи што биле формирани не давале информации што работат, а во законодавниот дом се носат закони без Советот воопшто да ги види. Единствено нешто што поминало на Советот била стратегијата за реформи на правосудниот систем, но и таа точка не била долго разговарана. Професорката Мирјана Најчевска, која даде оставка од Советот, вели дека таа и нејзините колеги биле изиграни и вели дека тој постои само формално, но не е дел од реформирањето.
„Освен за залажување на граѓаните дека одреден број извикани имиња и експерти кои се препознаени како стручни лица во својата област се вклучени во реформите, јас не гледам никаков друг удел во реформирањето на правосудниот систем. Она што пак ме загрижува е дека повторно реформите во правосудниот систем стануваат политички, односно политичкиот фактор е оној што го има главниот збор во реформирањето на областа во која главниот збор треба да го имаат оние што се занимаваат со правната материја. Да, политичкиот фактор треба да ја даде насоката и да го искаже мислењето за она што треба да се постигне. Меѓутоа, реформирањето, структуирањето на законите, градењето на правосудниот систем, како и поставувањето правни ногалки треба да е направено од правниците со примена на ригидни правила, принципи и критериуми“, рече Најчевска за „Макфакс“.
Професорката Мирјана Најчевска вели дека предлог-законот за судски совет бил разговаран пред Советот за реформи, каде што членовите се судриле за многу базични работи, а со тоа отвориле стручна расправа за начинот на кој судскиот совет ќе дејствува независно. Но, расправата не продолжила, професорката не знае што е дојдено во собраниска процедура, а не знае ниту на кој начин тоа ќе биде решено. Вториот предлог-закон, кој го бараше СЈО, поврзан со заштитените сведоци, не бил разговаран, а за законот за укинување на Советот за утврдување факти било исто разговарано, но немало резултат.
„Не знам што е полошо. Претходната власт кажа дека не сака да го слуша стручното, ниту експертското мислење и дека едноставно не им е важно за луѓето од фелата, туку дека тие си прават решенија врз основа на она што претставува нивна политичка замисла. Сега имаме власт која вели дека сака да го слушне стручното и експертското мислење, но нема вистинско влијание врз тие професионалци. Не знам што е полошо, дали тоа кога власта најотворено и најбезобразно го исклучува професионализмот од работењето или власта што навидум или делумно ги вклучува професионалците, но на некој заден начин повторно ја спроведува својата политичка агенда“, додава Најчевска.
Во однос на прашањето дали треба да постои совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството, професорката Најческа вели дека е добро формирањето и учеството на Владата и премиерот во него, но, од друга страна, формирани се многу тела кои создавале хаос во однос на надлежноста и функционалноста, а впечатокот што го оставаат е дека тие постојат за да кренат прав, а вистинските одлуки да се носат на друго место на нетранспарентен начин.
„По многу години корумпирано судство и систем во кој судиите се марионети на политичката власт, тешко е да се направи промена во правилата на игра и свеста на судиите, но и начинот на дејствување. Судството не е ослободено ниту од оваа власт, но не поради неа, туку поради судиите. Тие се научени да бидат марионети, а власта и да сака да ги ослободи, не може. Некој што бил роб со години, не знае како да не биде. Потребни ни се правото, правилата и процедурите, да ја спасиме власта од ропскиот однос на судството и да ги издигнеме судиите на ново независно ниво“, вели Најчевска.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.