Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Започна реализацијата на Тиранската платформа
„Талат Џафери најави дека ќе го официјализира албанскиот јазик на целата територија, а Собранието на Република Македонија ќе биде третиот парламент во регионот каде што седниците ќе се водат на албански јазик“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Охридскиот рамковен договор предвидува пратениците да може да се обраќаат на својот мајчин јазик, доколку истиот го говорат над 20 отсто од населението бидејќи тоа е индивидуално право, но кога се води седница, тоа е чин од позиција претседател на Собрание и во име на институцијата која што ја претставува и затоа единствен службен јазик и официјален јазик на целата територија е македонскиот“, велат од партијата.
„Вчера Талат Џафери јавно соопшти дека ќе го растегнел малку Законот за јазици и дека седниците ќе ги водел и на албански и на македонски. Со тоа Талат Џафери јавно му се изнасмеа в лице на Зоран Заев кој сопствениот народ го навредуваше и понижуваше само за да се обиде да го избере Талат Џафери за нелегален претседател на Собранието“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ваквите најави на Талат Џафери доаѓаат откако четири дена неговиот партнер Зоран Заев молчи околу поставувањето на знамиња на Република Албанија во кабинетот кој треба да му припаѓа на претседателот на македонското Собрание. Талат Џафери и јавно кажа дека нема намера да го тргне албанското знаме од кабинетот. Ова е само потврда дека отпочна реализацијата на Тиранската Платформа. Ова само ја потврдува оправданоста на револтот и незадоволството на народот“, порачуваат од партијата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
