Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: СДС планира да направи бегалски камп за трајно згрижување на мигрантите
Владата на Социјалдемократскиот сојуз, Заев и Царовска од Република Македонија планираат да направат бегалски камп за трајно згрижување и удомување на мигрантите од таканаречената балканска рута, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со усвојување на Стратегијата за мигранти, бегалци и странци 2017-2020 година и акцискиот план и непромислените чекори на Владата на Социјалдемократскиот сојуз и министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска, се доведува во опасна ситуација целокупната демографска, безбедносна и економска состојба на нашата земја“, рече тој.
Зоран Заев и Мила Царовска, додаде тој, наместо да се кријат зад партиски соопштенија, треба да излезат и јавно да им соопштат на јавноста и на граѓаните што точно ветиле и каде се, односно во кои градови ќе се прават згради за трајно удомување на мигрантите предвидено со Стратегијата за бегалци и странци 2017-2020 година.
Тој рече дека поради ваквиот несериозен однос што СДС го има кон државата и граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за промена на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
