Daily news
На Кајмакчалан грчките спасувачи ноќта се обиделе да го спасат Александар, но ременот се откачил
Грчките специјални единици за справување со катастрофи ги пронашле Калина и Александар уште во саботата вечерта околу 22 часот – или околу осум часа по нивното исчезнување. Се обиделе да го спасат Александар, кој сè уште бил свесен, при што употребиле ремен за да го извлечат. Но, во текот на извлекувањето поради непозната причина, ременот се откачил и Александар паднал на стрмната падина на уште поголема длабочина. Грчките спасувачи од Солун изјавиле во полиција дека Калина тогаш не покажувала знаци на живот, ниту на чувствителност поради што претпоставката е дека веќе била почината.
Ова се наведува во барањето за обдукција на телата на Калина и Александар од 11 февруари испратено од полицијата во Воден до Судската медицина во Солун. Во полицискиот документ што го добиле семејствата на загинатите се наведува дека по неуспешниот обид за извлекување на Александар и поради темнината и лошите временски услови, односно силниот снег и ветер, било невозможно планинарите да бидат лоцирани.
Потрагата вечерта прекинала и специјалните единици за справување со катастрофи се вратиле на местото каде што биле планинарите дури наредниот ден, во неделата на 11 февруари. Калина и Александар се пронајдени мртви на 11 февруари во 10 часот по грчко време, а нивните тела се извлечени во 13 часот и се пренесени во болницата во Воден. Александар е пронајден на растојание од 40 метри од Калина, која била вкопана во снегот на длабочина од 1,5 метар.
Првичните информации од обдукцијата на телата на загинатите планинари покажува дека причина за настанатата смрт била хипотермија. 26-годишната Калина Велевска и 35-годишниот Александар Миновски загинаа по бурата што ги зафатила на планината Ниџе. Со помош на хеликоптер, 3 возила и 13 лица од службата за спасување двете тела беа извлечени од бездната.
Федерацијата на планинските спортови пред неколку дена му ја одзема лиценцата на водичот Зоран Костадиновски од планинаркото друштво „Трансверзалец“ по трагедијата што се случи на Кајмакчалан, каде што животот го загубија двајцата млади планинари Калина Велевска и Александар Миновски. Планинарското друштво, кое постои веќе 20 години, до 21 март не ќе може да организира планинарски тури на височина над 2.000 метри. Ваквата одлука е донесена по разгледувањето на извештајот што се случувало кобниот викенд на 10 и 11 февруари годинава кога група од 50-ина планинари тргнале во освојување на планината Ниџе иако временските услови биле исклучително неповолни.
Лиценцата на Костадиновски му се одзеде поради технички пропусти во организирање на турата, која заврши кобно за двајцата млади планинари, вљубеници во природата. Костадиновски немал лиценца за тури во зимски услови.
Претходно, Федерацијата на планинарските спортови објави детален извештај од командантот на тимот за брз одговор за заштита и спасување на планина при Дирекцијата за заштита и спасување за тоа што се случувало на Кајмакчалан, каде што викендов младите планинари Калина Велевска и Александар Миновски ги загубија животите. Извештајот дава хронологија на настаните, но не и одговори на многу прашања за загинувањето на двајцата планинари. Овој извештај само дополнително го зголеми притисокот во јавноста каде што не стивнуваат реакциите и барањето одговори, но и одговорност за тоа што се случило минатиот викенд на Кајмакчалан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.