Daily news
Завршуваат работите на реконструкцијата на топловодот на БЕГ на улицата „Народен фронт“ во Капиштец
Привршуваат активностите за реконструкцијата и дислокација на магистралниот вод Е2 од дистрибутивната мрежа за топлинска енергија на БЕГ, кој поминува низ населбата „Капиштец“ по должината на улица „Народен фронт“.
Во текот на вечерните часови екипите ангажирани од БЕГ ќе ги завршат последните два прекопа преку оваа улица, со кои корисниците се поврзуваат со магистралниот вод кој е во реконструкција.
Од Дистрибуција на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ Скопје најавуваат дека по завршување на оваа активност, веднаш ќе започне враќањето на улицата „Народен фронт“ во првобитна состојба.
Од таму соопштија дека во текот на оперативната изведба, екипите наидоа на непредвидени препреки, како и неплански поставени подземни инсталации, чие санирање одземаше дополнително време, надвор од предвидениот рок.
Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, во рамките на својата инвестициска програма за 2017 година, спроведува низа активности за модернизација и ревитализација на дистрибутивната мрежа во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
