Daily news
Здружението „Вина од Македонија“ со поддршка за укинување на забраните за продажба на алкохол
Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, се приклучува кон иницијативата на Стопанската комора на Македонија, упатена до Владата, за укинување на одредбите од Законот за трговија со кои се забранува продажбата на алкохолни пијалаци по 19, односно 21 часот и се воведоа лиценци за продажба на ваков вид производи во трговската мрежа.
„Примената на ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци во земјата, во изминатите девет години, нанесе голема финансиска штета на производителите на вино, како и на целокупната домашна винска индустрија која, заедно со лозарството, создава и до 20% од годишниот бруто домашен производ остварен во земјоделството и обезбедува егзистенција за околу 30.000 производители на грозје, на над 12.000 сезонски работници и на повеќе од 2.000 вработени во домашните винарници“, велат од здружението.
Од таму наведуваат дека ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа придонесе за намалување на продажбата на вино за повеќе од 10% на годишно ниво, што секако негативно се одразува на приходите на самите винарници, а со тоа и на нивните планови за откуп на грозјето од лозарите.
„Дополнителен аргумент за укинување на ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци, меѓу кои и на виното, е и тоа дека Република Македонија има најмала просечна потрошувачка по жител во Европа од само 7 литри вино. За споредба, во земјите членки на ЕУ од нашиот регион: Бугарија, Грција, Словенијаи Хрватска, потрошувачката на вино надминува 25 литри по жител. Во ниедна од овие земји- членки на ЕУ не постои ограничување на продажба на вино во трговијата“, велат од „Вина од Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
