Daily news
ЗНМ бара повеќе пари за финансирањето на МРТ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/07/Minister-za-informaticko-opstestvo-1024x768.jpg)
Министерството за информатичко општество и администрација денеска во Скопје организираше јавна консултација со новинарските и медиумските организации посветена на реформите во медиумите.
На настанот присуствуваше и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој ја критикуваше одлуката на Владата во ребалансот на буџетот да обезбеди само 3.2 милиони евра за финансирање на Македонската радиотелевизија во последните три месеци од 2017 година.
Селмани рече дека владата е неконзистентна во врска со реформата во МРТ затоа што лани пратениците на СДСМ го поддржале предлогот на новинарските организации еден процент од државниот буџет да се одвои за финансирање на МРТ, додека сега како власт со ребалансот се предвидени многу помалку средства од тоа што сега ги има куќата како приходи.
Со овој пристап, објасни тој, владата не ги почитува препораките на Советот на Европа, кои инсистираат на политичка и економска независност на јавниот сервис.
„Ветувате зајакнување на капацитетите на МРТ, а од друга страна предвидувате помалку пари за финансирање на куќата и се заканувате дека ќе го смените директорот на јавниот сервис. Јас сум прв што се залагам за смена на директорот, но има други начини како се прави тоа, а не со закани. Така не се обезбедува независноста на МРТ“, истакна Селмани.
Тој ги одби како неосновани објаснувањата на владата дека нема пари во буџетот за повеќе средства за МРТ. „Не го прифаќаме таквото објаснување. Парите ќе мора да ги најдете ако сакате да имаме независен јавен сервис“, додаде претседателот на ЗНМ.
Тој ја повика владата да ги зголеми средствата за МРТ со ребалансот инаку ЗНМ ќе ги искористи сите можности да ја алармира домашната и меѓународната јавност во врска со намалувањето на средствата за работа на јавниот сервис.
Како позитивни, Селмани ги оцени одлуките за укинување на владините реклами, изготвување извештај од полицијата за насилството врз новинарите и зголемувањето на транспарентноста на владата.
Според него, добро е што владата нема намера да го регулира медиумскиот контент и нема да воведе законска регулација на интернет порталите.
Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумиски работници, Тамара Чаусидис искажа загриженост што во приоритетните реформи во медиумите не е опфатен и Законот за работни односи, со кој може да се обезбеди подобра положба на медиумските работници.
„Самоцензурата е проткаена во редакциите. За да се променат работите, треба да се промени и пристапот и менталитетот. Не смее да се дозволи спроведување пропаганда“, порача Чаусидис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/thumbnail_The_Business_of_Pleasure_2.jpg)
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/1-1-3.jpg)
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/gruevski-sud.jpg)
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.