Daily news
Иванов: И покрај брегзитот, ќе продолжи британската поддршка за Македонија
И покрај брегзитот, билатералната поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија ќе продолжи, е пораката што македонскиот претседател Ѓорге Иванов ја добил на денешните средби во Лондон со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Беркау, и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер.
„Брегзитот е нешто сосема ново. Следува голема постапка која досега не постоела, нема искуство за тоа како ќе се одвива. Нивното убедување е дека што и да се случи, на билатерален план ќе ја јакне поддршката што ја имаме од Велика Британија, дека ќе продолжи“, изјави Иванов.
На двете средби станало збор за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, кои в година ќе одбележат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Го отворивме прашањето за формирањето на парламентарната група за пријателство во британскиот Парламент затоа што во македонскиот парламент веќе е формирана. Да продолжи соработката меѓу парламентите бидејќи в година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија. Исто така, в година Обединетото Кралство е домаќин на Берлинскиот процес, што е исклучително значаен за нашиот регион. Иако тие се во фаза на брегзит, сепак, обврските што ги имаат преземено ги остваруваат и реализираат. Ние искажавме очекување да продолжат со нивната поддршка кон регионот и кон Република Македонија, како што го правеле тоа досега“, рече Иванов.
Додаде дека на средбите со спикерите на британскиот Парламент биле разменети мислења за состојбите во регионот вклучувајќи ги и мигрантската криза и улогата на Република Македонија во справувањето со неа.
Претседателот во рамките на работната посета на Обединетото Кралство вечерва ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус“ на тема: „Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
