Daily news
Интервју со Јела Кречич: Имав живот и пред да се омажам за Славој Жижек
Во ексклузивниот разговор за „Макфакс“ новата ѕвезда на словенечката литература и филозофија говори за бракот со најпопуларниот европски филозоф, како успеала да направи интервју со Џулиен Асанж во еквадорската амбасада во Лондон, дали жената може да ги разбере жените…
Неодамна во издание на „Антолог“ од Скопје се појави романот „Нема друга“ од словенечката писателка Јела Кречич. Оригиналната и комична приказна за сложените човекови односи во современите времиња говори за ликот по име Матјаж, кој по разделбата со долгогодишната девојка, паѓа во тешка депресија. Но, по некое време, донесува одлука дека патот до нејзиното срце води преку друга врска, а уште подобро, врски. Тој почнува да „мува“ девојки за една вечер од Љубљана, но и од поранешна Југославија. Искуствата се најразлични, но Матјаж секогаш доаѓа до истиот заклучок – нема друга како бившата…
Критиката оценува дека Кречич создала метафора на љубовта во денешното општество, но и урнек на прикриен женомразец, типичен за новиот милениум. „Нема друга“ е „допадлив и по малку тескобен роман за вербата во љубовта во современото општество“.
Јела Кречич (1979) е доктор по филозофија и пишува за највлијателниот весник во Словенија, љубљанско „Дело“. На неговите страници во 2013 година на словенечки и на англиски јазик објавува ексклузивно интервју со Џулијан Асанж, што ја прави меѓународно позната личност. Таа година изгледа е судбинска за неа – стапува во брак со најпознатиот словенечки и европски мислител Славој Жижек (1949), кој последниве децении ја врати филозофијата „во мода“.
На почетокот на разговорот Кречич не се согласува со оценката дека главниот лик во романот е портретиран како женомразец.
„По раскинот со својата девојка Сара, кој бил многу болен за него, Матјаж е човек кој се обидува да започне нов живот, но е малку невешт во љубовта. Таа изгубеност ја маскира во подобра или послаба смисла за хумор. Неговата позиција во романот се менува, па Матјаж на крајот е етички лик, подготвен да направи голем гест за својата љубов. Затоа велам дека ‘Нема друга’ е ‘bildungsroman’ во кој главниот јунак од поглавје во поглавје добива повеќе нијанси и суштина. Ликовите во романите се многу еманципирани субјекти кои почнуваат да живеат по некоја нивна логика, па во некоја мерка се енигма и за нивните творци“, објаснува Кречич.

Сенката на Славој
По венчавката со Жижек, јавноста смета дека Кречич е постојано во сенката на популарноста на најпознатиот филозоф на денешнината.
„Колку и да ви изгледа чудно, за мене постоеше живот и пред Славој. Пред да се венчаме, зад себе имав десетгодишна новинарска кариера, докторат, објавив два филмски зборници, пишував стручни текстови за разни списанија. Единствено што можам да кажам е дека никогаш не сум ја осетила сенката на Славој, освен летно време на морска плажа, кога стои до мене додека се сончам“, духовито одвраќа Кречич.
Жижек е познат по неговите екстремно левичарски ставови, постојано се надева дека ќе го доживее комунизмот. Ги дели ли и Јела неговите политички погледи?
„Тешко дека би се венчала со некого со кого не би споделувала макар основна политичка позиција. Кога Славој е во прашање, би рекла дека јас сум поголем комунист и левичар од него! Мојот политички став е базиран на една многу едноставна идеја – мора да постои подобро и поправедно општество отколку глобалниот капиталистички систем во кој живееме. Верувам во некое општество со политичка визија за животот во некоја заедница, подобар од сегашниот секојдневен здодевен живот“, смета Кречич.

Еден пријател на Јела го дефинирал нејзиниот брак со Славој како ослободување, релаксирање на нивната врска, мислејќи на разликата во годините и двата преходни брака на Жижек. Но, Јела смета дека единствен кој би можел да даде таква дефиниција е самиот Славој, со нему својствена интерпретација на Хегеловата теорија за бракот.
„Теориските интерпретации на Славој секогаш се во обратен правец од тоа што го прави во животот“, открива Кречич.
Додека таа го пишувала нејзиниот прв роман, Жижек се жалел дека постојано и цедел портокали, миел тањири, па дури и помислувал да напише книга „Славој вари чај“.
„Се надевам дека кога ќе го завршам мојот втор роман Славој ќе почне да пере и алишта, да подготвува вечери, но и во тие активности да остане подеднакво занимлив и убав, каков што е сега“, вели Кречич.
Запрашана дали мажот може во потполност да ја разбере жената, Кречич вели дека тоа не е вистинското прашање.
„Вистинското прашање е – дали жената може да ги разбере жените?! Не сум претенциозна па да тврдам дека би можела да кажам нешто за жените воопшто. Не знам дали некогаш ќе тврдам дека се познавам себе си. Човекот е константна енигма за самиот себе.“, смета Кречич.

Асанж не е згоден маж туку политички феномен
Кречич потврдува дека потешко би успеала да го интервјуира со Џулиен Асанж, основачот на „Викиликс“, кој веќе четири години е во егзил во еквадорската амбасада во Лондон, без претходното познанство на Жижек со најпознатиот антиглобалистички хакер.
„Асанж треба да се набљудува како политички феномен. Тој со ‘Викиликс‘ многу ги вознемири големите геополитички играчи. Направил нешто што, по правило, е работа на прекалени новинари кои пишуваат за јавниот интерес и демократските идеали. Целата хајка против Асанж е поради неговата активност. Каков е Асанж како човек, што прави во приватниот живот? Тоа не е битно бидејќи само ја замаглува неговата политичката димензија и феноменот на ‘Викиликс’“, потенцира Кречич.
Нејзиниот докторат за тема ги имал уметничките манифести на словенечката авангарда од крајот на осумдесеттите години на минатиот век, кои беа рамка за активностите на „Ноје словенише кунст“, бендот „Лајбах“, театарот „Сестре Сципион Насице“ и други.
„Мојата научна работа не се базира само на теоретски рамки, не се повикува само на германската класична филозофија и на психоанализата на Сигмунд Фројд и Жак Лакан. На настаните и феномените во светот гледам како на нешто што допрва треба да се разбере и за него да се создаде идеја и концепт. Во тој контекст, најблиска ми е комедијата како жанр, во кој некоја претпоставена вистина мора да се сруши и да се отвори друга димензија на ликовите, ситуациите, позициите… Се обидов да го постигнам токму тоа во мојот роман – како да ја најдеме љубовта и покрај тврдењата дека денес нема љубов, или дека таа е невозможна“, објаснува Кречич.

Неодамна излезе од печат и нејзината политичко-теоретска книга „Финално одбројување“ („The Final Countdown“), чија тема е левицата, мигрантите и Европа.
„Во книгата ќе најдете многу предизвикувачки автори како Борис Гројс, Аленка Жупанчич, Младен Долар, Агон Хамза, Роберт Фалер, Борис Буден… Секој од нив на свој начин предлага идеи за новата левица – левица која е над дилемите на политичката коректност или сочуството со сите жртви на капиталистичките антагонизми“, вели Кречич за крај на разговорот.
Стојан Синадинов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
