Daily news
Откриен идентитетот на убиецот на фудбалерот, по него е распишана потерница

Неколку недели по убиството на фудбалерот Мартин Јанушев, полицијата го открие идентитетот на убиецот. Според извори од истрагата, станува збор за Филип Секуловски, кој е во бегство и по него ќе биде распишана потерница. Станува збор за осуденик кој издржувал шестгодишна казна затвор за трговија со дрога. Во времето кога се случило убиството тој користел слободен викенд надвор од затворот.
„Поднесена е кривична пријава, а стапуваат и другите мерки што треба да бидат преземени во смисла на меѓународна потерница и слично за обезбедување на лицето и целосно расчистување на случајот“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. „Имаме несоборливи докази дека лицето Ф.С. е сторител на убиството“, додаде Спасовски.
Јанушев беше застрелан пред својот дом во населбата Аеродром. Од МВР велат дека имаат индиции каде се наоѓа убиецот и работат на негово приведување. Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не станува збор за нарачано убиство.
Спасовски неодамна на брифинг со новинарите информира дека едно лице го извршило убиството на Јанушев и дека случајот нема политички или какви било други аспекти, туку дека се работи за лично недоразбирање. За убиството полицијата сослуша 35 лица. Тоа се луѓе што биле присутни во околината во моментот на убиството, луѓе што може да помогнат во обезбедување докази. Обезбедени се сите снимки од безбедносните камери и објектите во близина на местото на убиството, но и снимките од граничните премини. Полицијата го има и пиштолот со кој било пукано во Јанушев.
Мартин Јанушев беше застрелан на 3 ноември годинава со неколку куршуми пред влезот од неговата зграда на улицата Владимир Комаров во скопски Аеродром. Веднаш бил пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“, но почина еден час по застрелувањето.
Од јули годинава досега се регистрирани 12 убиства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.