Daily news
Јавниот превоз повторно е бесплатен поради загадувањето
Од утрово повторно стапија во сила мерките против аерозагадувањето во Скопје. „Јавниот превоз од денеска е бесплатен. Оставете ги автомобилите и возете се со јавниот превоз“, рече градоначалникот Петре Шилегов на форумот „Иден развој на урбаната мобилност“.
Во согласност со Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, по барање на Владата и Министерството за здравство, Градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот. Овие мерки се преземаат по добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање дека прагот на алармирање за ПМ 10-честичките во воздухот е надминат (над 200μg/m3) во текот на два дена едноподруго.
Градот Скопје мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот оваа зима ги воведува третпат.
Во сила стапуваат следните мерки и препораки:
1. Градот Скопје од денеска воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници. Оваа мерка ќе трае сè до моментот на намалување на загадувањето за што дополнително ќе бидеме известени од Министерството за животна средина.
2. Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повикува сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
3. Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
4. Се задолжува ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им се препорачува на скопските општини да го направат тоа на улиците што се во нивна надлежност.
5. Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повикуваме и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти што поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.
6. Се повикуваат градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
7. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9.30 до 14.30 и по 18 часот.
8. Ги повикуваме Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
9. Бараме од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чиј крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
10. Бараме од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата што учествуваат во сообраќајот, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Град Скопје апелира до вработените на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Во исто време службените возила на Град Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот Инспекторат.
Град Скопје исто така апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз и тоа да премине во навика, без разлика на загадувањето, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.