Daily news
Ако ги изгубите документите, ја губите историјата на вашата компанија, ги губите контролата и безбедноста
Што би се случило доколку ги изгубиме семејните фотографии? Би исчезнале и сеќавањата од специјалните моменти. Ако ги изгубиме личните документи, писмата, дипломите, како да губиме и дел од себе, или во најмала рака сè ни се комплицира, и мораме да влеземе во административниот лавиринт, кој секако многу ќе нè измори. Ќе се согласите, губењето на личните работи не е пријатно, но без тоа и може некако да се живее!
Замислете да работите во компанија или некоја институција, потребни ви се документите од минатите години, кои сте ги чувале во регистри/папки, првично во вашата канцеларија, па сте ги преместиле во компаниските подруми, и кога ви се најмногу потребни -ги нема! Се изгубиле, можеби се украдени или уништени од временски непогоди или поради несоодветно чување.
Нервозата во тој момент е најмалиот проблем! Ја губите историјата на вашата компанија, деловна и финансиска, ја губите контролата и безбедноста на вашата компанија. Доколку, пак, работите во секторот здравство, како да дијагностицирате одредена болест и да препишете соодветни медикаменти ако не ја знаете историјата на еден пациент. Може да се случи да препишете лек што може да предизвика уште поголеми компликации и контраефекти.
Како може еден суд да функционира ако нема модерна архива на документи?! Како може една држава да извршува инспекциски надзор или истраги доколку нема документи – докази. Како ќе ги утврдува фактите? Едноставно не може да функционира целиот државен апарт.
„Ова се можеби микро примери, но замислете што би значело да се изгуби она што претставува општествено и културно богатство на една земја. Историски податоци од минатиот век, вредни црковни ракописи, писма од народноослободителните војни, прозни дела, преданија, митови, сè она што претставува културно наследство. А народ без историја и култура, без фактографија и сочувани оригинални документи, за вековната борба и докажување, е ништо. Тоа е како дрво без корени, кое за кратко време би се исушило, како човечко тело без вода, кое за неколку дена би дехидрирало.“
Одговорноста е кај носителите на раководни функции. А одлуки не треба да се носат кога штетата ќе настане, туку напротив, плански и на долг рок да се зачувуваат документите. Работата е едноставна, ако не сакаме ваква реалност, мора да имаме уредна, безбедна и модерна, физичка и електронска архива на сите документи што ни се потребни за работа. Тоа на долг рок тоа носи сигурност, безбедност и, секако, континуитет во работата. Овозможува брзо и ефикасно да се добие еден документ, без притоа да мора да се стане од работното биро и да се оди по ходници, катови и подруми за барање на документите. Без да доживуваме стресови ако нешто нема! Електронската архива обезбедува највисока безбедност и комплетна контрола над документите.
Интерсен е фактот дека кога бараме документ нас не ни треба документот туку информациите што се напишани на тој документ? Потребен ни е систем на архивирање кој многу организирано и ефикасно електронски ги копира информациите и ги доставува без физички да се движи документот. Кој обезбедува неколку степени на безбедност, и повеќе нивоа на контрола.
Токму таков е и системот за архивирање Инбох. Спој на добро познати технолошки достигнувања во нов бизнис-модел, што интегрира 3 технологии. Инбох не е 100% физичка архива ниту е 100% дигитална архива, а употребените технологии дозволуваат по потреба на клиентот да се претвори во едно или друго, што е неговата уникатност. Инбох е изграден по модел на американска технологија за управување со хартиени и електронски документи – ENVISION. За 5 години постоење, создаде капацитет од 35.000 м3 специјализиран простор за архивски депоа, поседува технологија за дигитализација на сите можни видови документи, од бизнис-картичка до А0 и поголеми формати, како и технологија за ласерско и 3Д дигитализирање на вредни документи, микрофилмски скенери, скенери за рендгенски и други транспарентни документи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.