Daily news
Американски конгресмен бара Дејтон 2: САД мора да го преземат водството на Балканот
Американскиот конгресмен и поранешен градоначалник на Дејтон, Мајкл Р. Тарнер, со писмо побара од државниот секретар на САД Рекс Тилерсон потпишување на Дејтон 2.
Тарнер, кој бил градоначалник на Дејтон во времето кога е потпишан Дејтонскиот мировен договор за Босна и Херцеговина во 1995 година порачал дека во последно време е загрозен мирот на Балканот, дека тој регион се наоѓа во критичен период и дека поради тоа САД повторно мора да го преземат водството.
„Минатата недела обележавме 22 години од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, договор кој стави крај на повеќегодишното крвопролевање и создаде предуслови за траен мир во БиХ. Во тоа време бев градоначалник на Дејтон и од прва рака сведочев како американската дипломатија на иста маса ги собра спротиставените страни“, рекол Тарнер.
Тој во писмото го известил Тилерсон дека стравува за загрозеност на мирот постигнат во Дејтон.
„Сега е клучен период за регионот и САД мора повторно да го преземат водството и да ги помират противничките страни“, навел Тарнер.
Предложил САД да бидат домаќин на потпишување на нова верзија на Дејтонскиот договор.
„Србите, Босанците, Хрватите и останатите само со американско лидерство може да живеат заедно во мир и да ја осигураат безбедноста и еднакви права на сите народи. Не смееме да дозволиме овој и онака нестабилен регион да се втурне во неред затоа што противниците на демократијата одвај чекаат да го искористат хаосот“, рекол американскиот конгресмен.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, навел дека не е за нов Дејтонски договор.
„За мене е прифатлив изворниот Дејтон. Знаејќи како делуваат тие конгресмени и сенатори во американскиот систем можно е да се работи за нечие лобирање. Мислам дека нема потреба од Дејтон 2. Ние не сме за тоа. Ние сме за внатрешен договор без мешање на странци“, рекол Додик за националната телевизија Н1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.