Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) смета дека е неоснован приговорот на членот на Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими од ДПА, против Собранието, кој смета дека со јавниот оглас за нов член на ДИК е прекршен 8а од Изборниот законик.
На јавна седница денеска членовите на Комисијата едногласно одлучија приговорот да биде одбиен зашто нема прекршување на Изборниот законик. Оценија дека упатеното барање за мислење од страна на Ибраими до ДКСК е преурането бидејќи сè уште нема настапено повреда на членот 8а. Комисијата смета дека нема надлежност да дава толкување на законските прописи и нивна меѓусебна усогласеност.
Известителот по овој предмет, членот на ДКСК, Горан Миленков, рече дека измените и дополнувањата на Изборниот законик предвидуваат усогласување на персоналниот состав на ДИК во согласност со членот 27, став 5 од Изборниот законик, кој вели дека од кандидатите на предлог-листата за членови на Државната изборна комисија три члена предлагаат политичките партии во опозиција, и тоа политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието предлага два члена, а политичката партија во опозиција со втор најголем број пратеници предлага еден член во ДИК. Партиите на власт предлагаат тројца членови на ДИК – двајца од партијата со најголем број пратеници, а еден предлага партијата со втор најголем број пратеници во Собранието. Тројца членови во ДИК, пак, се избираат на заеднички предлог од партиите на власта и на опозицијата од редот на пријавените кандидати.