Daily news
Анѓушев во Лондон: Еден енергетски пазар без граници е иднината на регионот
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, како член на официјалната владина делегација учествува на „Инвестицискиот самит за Западен Балкан“, кој се одржува во седиштето на Европската банка за обнова и развој во Лондон.
Вицепремиерот се обрати на панелот „Одржлив регионален енергетски модел“, при што потенцираше дека енергетската иднина на земјите од регионот на Западен Балкан ја гледа во создавање еден заеднички енергетски пазар, без административни граници.
„Доколку сакаме одржлив енергетски систем во регионот, верувам дека формирање еден заеднички енергетски пазар, единствена регионална берза и воведување универзален снабдувач за електрична енергија и гас е вистинско решение. Додека не стигнеме до тоа решение Владите треба да работат на унапредување на меѓусебната соработка и отстранување на административните бариери за слободен проток на енергија“, потенцираше Анѓушев.
Потпретседателот дополни дека Владата на Република Македонија е посветена на намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија, како и зголемување на домашното производство, особено од обновливи извори на енергија.
„Република Македонија е земја со голем потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори, особено користејќи го сонцето како извор на енергија. За таа цел планираме во наредните години да ја зголемиме инсталираната моќност во фотонапонски централи за дополнителни 200 мегавати, што е зголемување за околу 1200% и дополнителни 50 мегавати во ветерни електрани, преку воведување модел на ‘Премија’“, истакна Анѓушев.
Во насока на одржување на енергетската стабилност на Република Македонија вицепремиерот подвлече дека Владата паралелно ќе работи на повеќе проекти со кои ќе се зголеми домашното производство, ќе се влијае на поздрава животна средина и ќе се намали зависноста од увозот.
„Не можеме да се потпреме само на обновливите извори на енергија бидејќи природата е непредвидлива и мора да имаме производство што ќе обезбедува оптимална електрична енергија за потребите на потрошувачите. Паралелно ќе работиме на ревитализација на постоечките термоцентрали, за производство на електрична енергија од висококалоричен јаглен, со што ќе влијаеме позитивно на заштита на животната средина, а воедно ќе работиме на зголемување на обновливите извори на енергија: 200 мегавати во нови фотонапонски централи, изградба на нови мали хидроцентрали, како и изградба на нови 50 мегавати во ветерни централи. Очекуваниот капацитет во нови извори за енергија би бил околу 400 мегавати, станува збор за значително зголемување на енергетските капацитети“, потенцираше Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.