Daily news
Арнаудов: Станоиздавачите и хотелиерите трпат загуби, потребни се субвенции
Охрид од секогаш претставувал главна туристичка дестинација во Република Македонија како на домашни така и на странски туристи и гости. Владата која беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ направи огромни напори и создаде услови за привлекување голем број странски туристи. Бенефитите од ваквите програмски цели можат да се согледаат кога градот изобилува со странски туристи. За жал, ситуацијата не е иста со домашните поради зачестените земјотреси и паниката која со тоа се шири. Проценките велат дека бројот е значително опаднат, повеќе од 80 % резервации се откажани, а останати се само субвенционираните туристи со мерките на владата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ.
Најголема штета од земјотресите имаат станоиздавачите, кои повеќето имаат земено и кредити, пари со кои инвестирале во своите објекти и се надевале дека ќе можат да ги вратат преку добивката остварена во текот на сезоната, но и да заработат нешто за да ја обезбедат својата егзистенција.
„Додека станоиздавачите и хотелиерите се соочуваат со егзистенцијални проблеми, владата на СДС молчи, иако има обврска да се грижи за граѓаните. Затоа ние, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, поднесовме амандмани на ребалансот на буџетот со кои се предвидува субвенционирање на штетите од земјотресите и субвенционирање на станоиздавачите кои на свој грб го чувствуваат недостигот од домашни гости поради зачестените земјотреси кои го зафатија нашиот град“, изјави тој.
Во Охрид има вкупно 17.000 легла, од кои 13.500 на станоиздавачи и 3.500 се хотелски. Во просек субвенцијата треба да изнесува 37.500 денари по кревет или се вкупно околу 10 милиони евра, бројка која би требало да биде исплатена само за директни штети, додека треба да се пресметаат и индиректните штети како за бродарите, угостителските објекти итн.
„СДС наместо да одвојува огромни суми на пари за набавка на октоподи и друг вид морски плодови кои ќе се најдат на нивните трпези во владата, да го изгласаат заедно со нас овој наш предлог кој е за доброто на Охрид и неговите граѓани. СДС наместо да одвојува милиони за вработување на своите партиски послушници и соросови активисти треба да покаже доблест и да го поддржи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе биде нормална сатисфакција за станоиздавачите и хотелиерите во нашиот град“, вели Арнаудов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.