Daily news
Ахмети за грчките медиуми: Ние сме земја без име, ПЈРМ е само привремено
Фактот дека преговараме за решение со сложено име, со придавки или дополнувања, покажува дека има двоумења, емотивен набој и волја за придвижување на работите, изјави министерската одбрана, Радмила Шекеринска, во изјава за грчката телевизија „Скај“ во однос на спорот за името.
„Кога веќе преговараме, ако мораме да прифатиме одредено повлекување по однос на ова прашање, тоа ќе биде едногласно. Зошто? Затоа што мораме да бидеме доследни на нашите изјави. За спорот имаат преговарано и левичарска и конзервативна влада. И двете влади – и конзервативната и социјалдемократската – во одредени моменти имаа прифатено компромисни решенија: Република Македонија – Скопје во 2008 година беше прифатенo како име од страна на конзервативната влада. Ние исто така сме согласни на компромис. Затоа, верувам дека, генерално, постои консензус за прашањето за потребата од компромис“, изјави Шекеринска за грчката телевизија.
Според неа, во последните 25 години имало подобри можности да се дојде до решение за спорот, времиња кога двете земји биле посилни и кога имало помали тензии, но секогаш нешто недостигало.
„За танго секогаш се потребни двајца и ние целосно го разбираме ова. Навистина е потребна посветеност од двете страни и малку храброст со цел работите да се придвижат напред. Јас навистина верувам дека зад нас има историја на пропуштени можности и мислам дека треба да го искористиме ова искуство за да одредиме каде сакаме нашите земји да бидат во следните 25 години“, истакнува во интервјуто министерката за одбрана.
Изјава за грчката телевизија „Скај“ дал и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како претседател на партија што е дел од владината коалиција. Притоа тој ја опишува новата Влада како реформаторска и додава дека кај неа постои вистинска волја да се затвори 25-годишниот проблем меѓу Скопје и Атина.
„Во моментот ние сме земја без име, имаме само грубо име, а тоа е ПЈРМ. Во пракса, сега преку овие преговори се обидуваме конечно да добиеме редовно име“, вели во изјавата лидерот на ДУИ. Запрашан за тоа дали би поддржал одредени промени во Уставот доколку преговорите за името тргнат во таа насока, Ахмети истакнува дека владејачкото мнозинство е подготвено на тоа бидејќи постои цврста решеност за интегрирање на земјата во НАТО и ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.