Daily news
(ВИДЕО) Заев на свеченоста по повод Денот на албанската азбука: Заеднички го прославуваме зближувањето на двете културни традиции
Премиерот вечерва имаше свое обраќање на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на албанската азбука, која се одржа во Битола, градот во кој пред 109 години албанските интелектуалци го стандардизираа албанскиот јазик.
„Ми претставува посебна чест што сум поканет да бидам дел од оваа свеченост со која се одбележуваат 109 години од албанската азбука. Настан што е од исклучително значање за Албанците кога во 1908 година во Битола за време на одржувањето на конгресот на албанските интелектуалци била донесена одлука да се усвои современо и единствено, стандардизирано албанско писмо“, рече Заев.
Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во нивната историја. Со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноличното богатство на светското културно наследство.
Овој аспект е уште позначаен имајќи предвид дека со чествувањето на Денот на албанската азбука ја потврдуваме заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Македонија.
Писмото и говорот се во основата на националниот идентитет, а нивните специфичности и особености се вткаени како карактеристични нишки на културната посебност. Но, во исто време секој говор и писмо во себе ја кријат и потребата да не бидат изолирани и самодоволни, туку да воспоставуваат комуникација за разбирање, толеранција и соживот со другите.
Прогласување на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми и традиции на сите етнички заедници, вклучувајки ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани.
Градиме едно и единствено општество еднакво за сите. Градиме граѓанско општество, истовремено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се градеше со векови, што претставува обврска за нашата заедничка иднина.
Затоа се гордееме и затоа етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. Затоа велиме: Кога денеска го одбележуваме и славиме Денот на албанската азбука, заеднички го прославуваме и постоењето и зближувањето на две културни традиции што опстојувале заедно со векови.
Во оваа пригода сакам да упатам порака до сите граѓани на Република Македонија дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите заедници.
Тој модел повикува да градиме држава и општество за сите, во кои културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.