Daily news
Висока делегација од Конгресот на САД го посети баталјонот на Воената полиција
Министрите за одбрана и надворешни работи, Зоран Јолевски и Никола Поповски денес во Касарната „Илинден“ – Скопје, присуствува за време на посетата на висока делегација од Конгресот на САД на баталјонот на Воена полиција.
Делегацијата составена од конгресмени предводени од конгресменот Боб Гудлат кој е Претседател на комитетот за правосудство имаа можност да се запознаат со активностите на баталјонот на Воена полиција и нивното досегашно учество во мировните мисии.
Министерот Јолевски во своето обраќање до конгресмените и останатите членови на делегацијата најнапред упати благодарност за досегашната поддршка и помош на САД во однос на опремување, учество на обуки и вежби со цел унапредување на одбранбените капацитети на Армијата на Република Македонија и истакна дека досегашната висока соработка со САД ќе продолжи и понатаму.
„Оваа соработка која се должи на Договорот за стратегиско партнерство и соработка од 2008 година и Меморандум за соработка во одбранбените и воени односи од 1994 година, како и соработката со останатите земји на НАТО овозможи ние денес да имаме припадници на Армијата кои стојат рамо до рамо со останатите Армии и кои се подготвени да придонесат кон глобалниот мир и безбедност“ – додаде Јолевски.
„Република Македонија има јасно зацртана цел, а тоа е членство во Европската Унија и НАТО“ – рече Министерот Поповски. Тој додаде дека членството е од клучно значење, од причина што тоа ќе придонесе до развој на Македонија и останатите земји од регионот и воедно ќе се придонесе до одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и стабилен Регион и стабилна Европа.
Конгресменот Гудлат изрази задоволство од прикажаното и истакна дека ги ценат напорите на Република Македонија во промоцијата на мирот и стабилноста преку учеството во мировните мисии во Ирак и Авганистан. Македонските војници стекнаа висока репутација помеѓу партнерите и сојузниците учествувајќи во мировните мисии.
Тој додаде дека баталјонот на Воената полиција и останатите единици на Армијата на Република Македонија покажале високо ниво на професионализам чувајќи ги границите на Македонија и безбедноста на граѓаните при справувањето со миграциската криза.
„Мило ми е што нашите програми за обука и опремување постигнале одлични резултати во подобрување на капацитетите на баталјонот. Ние ќе останеме посветени во натамошната поддршка и соработка со вас“ – рече Гудлат.
За потребите на Министерство за одбрана и Армијата на Република Македонија од 1996 до денес преку FMF фондот (Фонд на САД за странска воена помош) се доделени преку 115 милиони долари за набавка на опрема и услуги, како што се оклопни возила и резервни делови за истите, оптички средства за ноќно гледање, најсовремени средства за врски, оружје, беспилотни летала, и друга опрема и др. Во наредниот период средствата од овој фонд ќе продолжат да се користат во насока на поддршка на АРМ и нејзина модернизација.
Делегацијата од Конгресот на САД од 06-15 мај е во посета на Грција, Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Косово и Италија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.