Daily news
Владата одлучи финансиски да ѝ помогне на „Колска“
Владата на денешнта седница донесе одлука за финансиска поддршка на „Колска“ во Велес со цел надминување на состојбата во друштвото.
Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека целта на финансиската поддршка е воспоставување редовен тек на работите во фабриката и грижа за работниците.
За оваа цел на седницата е донесена одлука за измена на распоредот на средствата во посебниот дел утврден со буџетот на Република Македонија за 2017 година најдоцна до 15 септември.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за тековната состојба и нивото на резервите на нафта и нафтени деривати и ја задолжи Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати да достави предлог-мерки кои ќе треба да се применуваат од 1 јануари 2018 година кога треба да почне да се применуваат новите законски мерки за користење на нафтените резерви и кои во голема мера го ограничуваат користењето на резервите, освен во ситуации кога е значително нарушен пазарот со нафта и нафтени производи.
На денешната седница Владата ги разгледа и усвои повеќе годишни извештаи за работењето на одреден број јавни претпријатија, како и годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија во 2016 година на предлог на Јавното обвинителство, при што го зеде предвид мислењето на Министерството за правда, во кое се наведува дека во извештајот не е содржан критички осврт за постапувањето, односно непостапувањето на јавните обвинителства по одредени предмети, како, на пример, барањето за законитост за притвор за лица во бегство, како и за нестручното постапување во врска со крвавите настани во Собранието на Република Македонија на 27 април.
Владата на Република Македонија денеска ја разгледа и усвои информацијата за спроведување анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции на предлог Државната комисија за спречување на корупцијата, која до Владата достави методологијата за спроведување анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции.
Оваа методологија треба да им биде доставена на сите носителите на јавни функции и до органите на државната управа. Во рок од 10 дена треба да формираат работни групи за самопроцена, составена од административни службеници кои работат на нормативни прашања и за тоа да ја известат Државната комисија за спречување на корупцијата со податоци за координаторот на работната група. Врз основа на оваа евалуација Државната комисија за спречување на корупцијата до Владата на Република Македонија треба да достави информација за спроведувањето на активностите за анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции до крајот на декември 2017 година.
Владата го усвои новиот текст на информацијата за склучување договор за соработка со програмата за зголемување на пазарната вработливост спроведувана од страна на „Свисконтакт“ и Владата на Република Македонија како дел од проектот „Ангажман на сениор експерти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.
Врз основа на усвоената декларацијата за слободни и фер избори, со препораки за однесувањето на државните служебиници за време на изборните процеси на сите носители на јавни и државни функции, Владата денеска донесе упатство за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации за време на изборниот процес како една од одредниците на планот 3-6-9 за итни реформи.
Владата денеска ги врати на мислење првите менаџерски договори за кои требаше да одлучува во согласност со одлуката донесена на 26. седница на Владата, според која сите идни менаџерски договори кои се однесуваат на уредување на односите и обврските на директорите на државните и јавните институции претходно да бидат доставени до Владата на Република Македонија на запознавање, односно на одобрување, пред нивно потпишување.
На денешната седница Владата го одобри барањето за задолжување од Општина Липково, со препорака претходно да биде добиено позитивно писмено мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.