Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ врши брутална партизација на државните институции
Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за медиумите кажа дека продолжувало беззаконието на СДСМ и дека тие се однесувале како државата и државните институции да биле нивна приватна сопственост.
– Владата на СДС со потпис на Радмила Шекеринска незаконски, кршејќи ги правните прописи на Република Македонија, именувала четворица членови на Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижностите за истиот ден со заклучок на Влада донесен од Драги Рашковски да се именува уште еден управен одбор, повторно со кршење на Законот за катастарот. Со ова СДС создава општа и правна конфузија. СДС со своите незаконски одлуки го загрозува нормалното функционирање на Агенцијата за катастар на недвижностите и создаваат правни нелогичности. Граѓаните се прашуваат кои се членови на Управниот одбор на Катастарот? Лицата што се именувани со решение на Шекеринска или со заклучокот потпишан од Драги Рашковски, бидејќи и двата се со ист датум на донесување, а со едниот не се менува другиот – изјави Честојнова.
Според неа, граѓаните се прашувале уште колку двојни одлуки за менување функционери имала донесено Владата за кои се чувале бројчиња во архивата на Владата.
– Скандалозно е што сите четворица новоименувани членови на Управниот одбор, и во решението на Шекеринска и во заклучокот на Рашковски, се вработени во приватниот сектор и немаат законски основ да бидат членови на УО на Агенцијата за катастар, сите се именувани во спротивност со Законот за катастарот, што го прави нивното именување нелегитимно. Во Законот за катастарот, во член 9, став 2, стои: „Со Агенцијата управува Управниот одбор кој е составен од пет члена, и тоа по еден член по предлог од Министерството за правда, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“ – рече Честојнова.
Како што кажа таа, СДСМ го прекршил законот и именувале нелегитимен управен одмор, чии одлуки ќе биле нелегитимни.
– Во два дена Заев, Шекеринска и Рашковски трипати го прекршиле законот. Владата на СДС врши брутална партизација на државните институции кршејќи ги законите на државата без око да им трепне. Поради ваквата неодговорност и неспособност, СДС ќе се соочи со политичка одговорност на следните локални избори и ќе биде целосно делегитимиран од страна на граѓаните – заврши Честојнова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.