Daily news
ВМРО-ДПМНЕ: Судот да не подлегнува на притисоците од СЈО и власта
Барањето притвор од страна на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ е само за да се изврши притисок врз судиите да не ја поништат одлуката на првостепениот суд за мерките одземање пасош и јавување во судот еднаш неделно, кои на СДС/СЈО им се исклучително важни за терање негативна кампања против ВМРО-ДПМНЕ – обвини денеска Зоран Илиоски, член на ИК на оваа партија.
Тој пред Апелациониот суд рече дека „сакаат да го донесат судот во ситуација, ако ги прифати барањата на одбраната на раководството на ВМРО, а ги отфрли небулозните жалби за неприфатената мерка притвор, да личи дека зазел страна“.
– Судот не треба и не смее да подлегнува на вакви трикови и политички игри. СЈО е политичка институција и алатка во рацете на една партија, и така треба да се третира – рече Илиоски.
Според него, одлуката за мерки е донесена под притисок на власта, а тоа се гледа и од образложението на судиите во прв степен за одбивањето на притворот.
– Барањето притвор исто како и мерките се само со една основа: да не избегаат обвинетите. Судот кога ја образложувал во решението одлуката да не донесе мерка притвор дал доволно објаснување дека обвинетите нема да избегаат, од што станува јасно дека судиите во прв степен изрекле мерки само за да си купат сопствен мир од можни медиумски напади од власта и медиумите блиски до власта, како и од заканите на Заев дека ќе менува судии. Така на пример во случајот на Никола Груевски образложиле дека точно е дека Груевски често патувал, што всушност е и негова работна обврска, но секогаш се враќал, и само еднаш се случило да не се јави на распит во случај на уредно добиена покана. Тука пропуштиле да напишат дека дури и во тој единечен случај, адвокатот на Груевски уредно го известил СЈО за недоаѓањето заради претходно планирано патување и отвореност да се дојде во друг термин. Исто така, пропуштиле да напишат дека дури иако немал обврска писмено го информирал СЈО за детали околу патувањето и денот на враќање – рече Илиоски.
Според Илиоски, сосема е јасно дека овие предмети во судска постапка ќе паднат, а обвиненијата ќе се отфрлат бидејќи се без основа, без докази и исклучиво политички мотивирани. Затоа е важно за секој судија за еден ден да не се срами од одлуките кои некогаш ги носел водејќи се од политички конформистички пориви, а не од правни пориви како што доликува на секој судија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.