Германија утре гласа, а актуелната канцеларка Ангела Меркел очекува четврта победа и задржување на водечката фукција во земјата. Според последните анкети на јавното мислење, огромна предност има конзервативниот блок во чиј состав влегуваат Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско- социјалната унија (ЦСУ), а чиј лидер е актуелната канцеларка Ангела Меркел.
Предвидувањата, во согласност со спроведените анкети, за престојните избори за Бундестагот се дека конзервативците ќе освојат околу 37 отсто од гласовите, што е огромна предност пред нивниот коалициски партнер, односно Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која ја предводи Мартин Шулц, а кој истовремено е во трката за канцелар на земјата. Доколку се остварат прогнозите, за СПД на овие парламентарни избори би гласале околу 23 отсто од граѓаните на Германија.
Анкетите на јавното мислење се и дека екстремната десница, партијата Алтернатива за Германија (АФД), ќе добие поддршка меѓу 10 и 12 проценти, додека партијата Левица (Линкс) и либералната Слободна демократска партија (ФДП) би освоиле меѓу девет и 11 отсто од гласовите на избирачите.
Во парламентарната трка влегуваат и партиите што ја сочинуваат Алијансата на зелените, кои според анкетите би добиле поддршка од 7 до 8 проценти. Сите преостанати 14 партии, учеснички на изборите, заедно уживаат поддршка меѓу четири и пет проценти од гласачите.
Сепак, социјалдемократскиот кандидат за канцелар Мајкл Шулц се надева дека фото финишот во кампањата би можел да го промени односот на силите.
Ангела Меркел, шефица на ЦДУ од 2000. година и канцеларка од 2005. година, неодамна во едно интервју изјави: „Живееме во времиња со многу пресвртници. Сега се решава дали на Германија и во наредните 20 години ќе ѝ биде добро. Јас радо би ја креирала таа фаза, со целокупното искуство со кое располагам, за нашата земја да ја насочам на правилниот пат.“
Во последните десет години, магазинот Форбс девет пати ја прогласи за најмоќна жена во светот. Ангела Меркел, која трае подолго од цела генерација светски лидери, во недела ќе се обиде да го освои и својот четврти канцеларски мандат.