Три лица се повредени во две сообраќајни несреќи што вчера и изминатата ноќ се случиле во Полошко, најверојатно како последица на неприлагодена брзина односно пребрзо возење.
Со тешки телесни повреди се здобила М.И.(25) од Тетово откако загубила контрола врз автомобилот „голф“ со тетовски таблички по што излетала од коловоз и удрила во бетонски столб од ограда пред куќа и метална врата. Несреќата се случила вчера во 19.15 часот на влезот во селото Камењане. Од ударот М.И. била тешко повредена по што е испратена на скопските клиники на лекување.
Втората несреќа се случила околу 2.45 часот на улицата „Браќа Ѓиноски“ на мостот над Вардар во Гостивар. Возилото „опел астра“, управувано од Ј.Ј.(34) од Гостивар, удрило во две девојчиња на возраст од 16 и 19 години, и завршило во металната ограда од мостот. Повредените пешаци се пренесени во гостиварската болница од каде по укажаната помош биле пуштени дома. Полицијата по овластување на јавен обвинител извршила увид на местата од двете сообраќајки и работи на целосно расчистување на случаите.