Daily news
(Видео) Груевски го бара пасошот од судот за да се сретне со Виктор Орбан
Поранешниот премиер Никола Груевски денеска не дојде во судот каде што по барање на неговите адвокати требаше да се одржи рочиште за враќање на неговиот пасош. Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, рече дека Груевски доставил до нив покана од унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Според неа, Груевски двапати не доаѓал додека се водела истрага. Еднаш бил на конгрес во Малта, другпат се правдал дека има политички активности во Делчево и во Македонска Каменица. „Ако Груевски не дојде, тоа ќе биде причина да се одлагаат рочиштата и за другите 20 обвинети во ‘Титаник'”, рече обвинителката Стефанова. „Тезата дека пасошот на Груевски му е потребен како политичар е неоснована“, објаснуваше обвинителката. Таа додаде дека и во случајот „Кампања“ за лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, имало иста ситуација. Токму затоа СЈО бара Апелациониот суд да ја одбие жалбата на адвокатскиот тим на Груевски.
Адвокатите на Груевски се повикаа на одлуката на судот на Заев да му биде вратен пасошот во случајот „Пуч“. Обвинителката рече дека адвокатите на Груевски пред судиите говореле за него како за политичар.
Адвокатот на Груевски, Боро Тасевски, на судиите им рече: „Одлучувате за функционирањето на најголемата партија во државата и на најголемата опозициска партија“. Тој смета дека со одземањето на пасошот и обврската Груевски да се јавува еднаш месечно во судот се прави маргинализација на партијата. „Држава со маргинализирана опозиција не е ништо добро“, рече Тасевски. Адвокатот Димитар Дангов, пак, нагласи дека Груевски се појавувал уредно на сите рочишта и ја почитувал одлуката на судот секој прв петок во месецот најдоцна до 12 часот да се јави кај шалтерски службеник во кривичниот суд. Дангов на судот и на СЈО им предочи и писмени докази, од кои едниот со тековната состојба за имотот на лидерот на ДПМНЕ, спротиставувајќи се на тезата на СЈО дека Груевски ќе избега бидејќи бил богат, а исто така им даде и покана од Виктор Орбан, кој го кани Груевски.
Судечкиот совет, составен од судиите Љиљана Ивановска-Шопова, Африм Сејдани, Цеветанка Периќ, треба да одлучи за жалбата на Груевски. Скопска Апелација денеска повторно требаше да расправа за пасошот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Адвокатите на Груевски, кој е обвинет од СЈО во случаите ТНТ, „Титаник“, „Тенк“ и „Насилство“, се жалеа на одлуката на кривичниот суд да не му го врати пасошот нему и на Сашо Мијалков. Тие бараа судот да постапи на ист начин како со одземениот пасош на премиерот Зоран Заев кому судот подоцна му го врати пасошот во случајот „Пуч“.
Пасошот на Груевски му беше одземен на 3 јули годинава со одлука на скопскиот кривичен суд по барање на специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.