Daily news
Дебармаалци го возвратија ударот: Ќе гласаат за тие што ќе им ги исполнат сите барања
Иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ денес се обрати до раководствата на политичките партии и до нивните потенцијални кандидати за градоначалник и за советници во Општина Центар, при што им упати долга изборна платформа наречена „Здравјето пред профитот“.
Платформата содржи над 40 прецизни барања со порака дека граѓаните од оваа општина ќе гласаат „за“ само за кандидатите што ќе им понудат поквалитетен живот и ќе се обврзат дека ќе ја реализираат нивната платформа во текот на мандатот.
Според нив, од платформата сите граѓани треба да видат како треба да изгледа програмата на секој кандидат за градоначалник и советник што води грижа за интересите на граѓаните, а не за своите. Во продолжение е соджината на платформата од која би се уплашил секој градоначалник со лични или партиски амбиции.
1. Интерактивна, отворена, ажурирана и функционална веб-страница и контакт-електронски адреси;
2. Стопирање на издавањето нови одобренија за градба и воведување мораториум за
градба според веќе предложените барања на граѓаните додека не се изготви нов ДУП
според сите стандарди и без случајни превиди;
3. Ревидирање на сите усвоени детаљни урбанистички планови, како и
ДУП-ови во фаза на подготовка или доработка. Објавување на донесени и ДУП-ови во
фаза на подготовка на веб-страницата на Општината. Да се прекине со практиката во
секој нареден ДУП да се зголемува дозволената висина на објектите во Дебар Маало.
Бараме сегашните дадени 19 метри да останат максимум дозволена висина и да не се
усвојува новата од 21 метар предложена со оспорениот и повлечен ДУП;
4. Итна проверка и споредба на прикажаните податоци во текстуалните делови на ДУП и
реалните податоци на терен. Проверка на препораките од ГУП со оние во
текстуалниот дел на ДУП;
5. Детаљна анализа и професионални студии за демографија, зеленило и животна
средина, сообраќај, безбедност и заштита и комунална инфраструктура и нивно
користење и спроведување при изработка на ДУП;
6. Експлицитно и неселективно почитување на постојната законска регулатива за
височината и габаритот на градба, за застапеност на зеленило во рамките на парцела и
обезбеден вистински функционален паркинг-простор според нормативи;
7. Правичен и неселективен ангажман на инспекциските служби и соработка со државни
инспекторати;
8. Советниците сами да се повлекуваат со гласање за одлуки за кои имаат
конфликт на интереси;
9. Транспаретност во изработката на ДУП-овите и вклучување што поголем број
жители со користење нови форми на партиципативност (веб-анкети и јавни расправи)
и претставување на предлог-новите планови во согласност со законот;
10. Да се извади од употреба образецот кој одобрува неспроведување на наведените
анализи. Со тоа ќе се исклучи манипулација со реалните вредности;
11. Евиденција на јавниот простор, простор со комунална намена и државно градежно
земјиште и испитување на легалноста со која државно земјиште било претворано во
приватно во минатото, но сè уште не е изградено. Постојниот комунален простор, на пример,
пазарчето „Буњаковец“ да ја задржи како единствена основната намена, а општинските
власти заедно со „Скопски пазар“ да ги подобрат работните услови на пазарите што
влијаат врз квалитетот на живеење на жителите во околните резиденцијални објекти;
12. Исполнување на законската обврска – одговор на анкетните листови од граѓаните за
ДУП Дебар Маало 1 и 2, Буњаковец и Градски парк 1 и Дебар Маало 2;
13. Инспекциите интензивно да работат на процена на извори и типови на загадување и
транспарентно да ги објавуваат резултатите;
14. Итни мерки за намалување на загадувањето од сообраќајот и ограничување на
сообраќајот во резиденцијалните квартови. Соработка со сообраќајната полиција за
почитување на постојната Зона 30, како и слободни пешачки патеки;
15. Забрана за градежни активности во месеци со покачено ниво на загадување;
16. Строга контрола на градежните активности во однос на заштитата на животната
средина; стимулации и казни;
17. Да се поттикнува и да се подига свеста на граѓаните за енергетската ефикасност на
објектите и користењето алтернативни извори на енергија,
18. Намалување на бучавата преку инспекциски контроли и обезбедување тивка зона
во близина на образовни и здравствени институции;
19. Реална процена на сообраќајот и мерки за минимизирање доток на сообраќај над
расположливите капацитети;
20. Студија со издржани податоци за моментни текови, тесни грла, црни точки,
временски застои и капацитети на улична мрежа и паркинзи;
21. Соработка со надлежни служби за подобрување на јавниот превоз при специјални
настани во градскиот парк, стадионот итн., а сè додека не се реши паркинг-просторот;
22. Поттикнување и обезбедување континуирани патеки за безбеден немоторизиран
сообраќај;
23. Целосно враќање на тротоарите на пешаците;
24. Целосно затворање делници за возила (временски зони за движење) и еден ден во
годината без автомобили;
25. Ограничување на времето за дотур на стоки надвор од стандардното работно време;
26. Во соработка со надлежните министерства, организирање комунална полиција од
цивилни лица што живеат во општината. Ангажманот може да биде со пензионери,
млади лица и самохрани родители кои ќе поминат обука или самопријавени волонтери.
Работните часови да бидат според нивните можности и надоместот да биде како помош
за овие групи што живеат во општината;
27. Изработка на студии за асезимичност, за заштита и безбедност, како и студии за
обезбеден пристап на пожарна, брза помош, итн. до секој објект. Програма за инклузивност, образование, култура и културно наследство што ќе ги одбележува локалните урбани истории и трансформации;
28. Програма за инклузивност на лицата со посебни потреби во образованието (наставна
програма); пристап за лица, особено ученици со физичка попреченост до сите
институции во општината;
29. Дефектолози во секое основно училиште, партиципација за придружен асистент за
лицата со посебни потреби (кои имаат потреба од тоа, а за време на училиштето), а во
соработка со надлежните министерства;
30. Организирање активности и предавања за прифаќање на различностите, а наменети за
повеќе целни групи: ученици, наставници, граѓани. Особено внимание при јавни
настапи на нашите идни претставници и некористење на различноста во негативна
конотација;
31. Јавно објавени годишни програми на образовни институции (ООУ) и детско
згрижување (градинки) и објавување општи резултати на учениците во ООУ, награди,
стипендии и натпреварувања и споредба со резултати на ниво на град Скопје и РМ;
32. Објавување податоци за капацитет на градинките, за бројот на запишани деца и бројот на деца од воспитувач и негувател. Транспарентност за покриеноста на потребите на жители на општината;
33. Комуникација со Советот на родителите во ООУ и дефинирање потреби за
поквалитетна настава, Транспарентност на договорите за издавање простори во ООУ
и дефинирани приоритети за искористување на средствтаа. Објавување избрани
компании што ги најмува Општината за потребите на образованието: исхрана, транспортни
компании, училишта за странски јазици, спортски клубови, обезбедување;
34. Преземање ицијатива и потребни мерки со надлежните институции и во соработка со
жителите за да се заштити постојната и да се прошири зоната на старото урбано јадро и објектите под заштита;
35. Програми од областа на културата за да ја обработуваат и направат јавно достапни
историјата и животот на граѓаните во старите урбани јадра;
36. Обележување на сите објекти што се водат како културно-историско наследство во
Маалото:
37. Одговорно и демократско финансиско работење и планирање на буџетот;
38. Транспарентност и отчетност во планирањето на средствата на Општината според
приоритетите и потребите на граѓаните;
39. Наменско користење на средствата;
40. Навремено известување на јавноста за кварталните извештаи што ги усвојува Советот
на Општината, а кои се однесуваат на трошењето на општинските буџетски средства по
квартали;
41. Вистинска, а не фиктивна партиципативна демократија и учество во креирањето на
програмите за развој на општината.
42. Активирање на урбаните заедници, со обезбеден простор и финансии од Општината.
43. Редовни средби и консултации со Советници во Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.