Daily news
Денот „Д“ на француски начин – Франција во грч
(од Париз за Макфакс Наташа Караташева)
„Д-1“ пред изборот на новиот „кираџија“ на Елизе, како што тука го именуваат претседателот на државата, Франција е во апсолутен грч. Поточно еден неполн ден пред крајот на една комплетно небулозна претседателска камапања која според сечија оценка се издвојува од досега познатото правило на француската политичка традиција.
За прв пат во историјата на „Петтата Република“, левицата и десницата останаа со празни раце! „Хируршки отстранети“ од незадоволните гласачи, ниту републиканецот Франсоа Фијон, ниту социјалистот Беноа Хамон, не се најдоа во финалето. Дури и на французите им беа премногу сите обелоденети измами на извесните кандидати.
Велат „тро се тро“, или што е многу, многу е! Исто така за прв пат во историјата на државата ниту претседателот во заминување, Франсоа Оланд, не се кандидираше за продолжување на мандатот, оти пак и од неговата политика на французите им дојде преку глава.
Сето ова „зачинето“ со една општа, тивка, оправдана паничност пред, да не се претера ама безмалку секојдневната закана од терористички напади, доведе до следниот исход.
Франција избира помеѓу Емануел Макрон и Марин Ле Пен.
Два неспоивливи контрасти, диаметрален опозит! Едниот социјалистички дериват и прогресивен прагматичар „де-дијаболизиран“ националист ( како што тука ја нарекуваат Мадам Ле Пен).
Наспроти сеопштиот став на повеќето французи, што од граѓански, што од политички сектор, за можноста Националниот фронт на на Ле Пен да ја изолира државата во целост, се поприсутни се оние што го „бараат“ тоа што си е нивно, зад затворени граници, без бегалци, надвор од ЕУ и надвор на валутата евро.
Се наликува, на период кога никако не треба да се завидува на старата европска дама Франција.
Дали Европската Унија има одржлива иднина или ќе следи и некаков „Фрексит“ е прашањето на кое одговорот ќе следи по официјализирањето на изборните резултати.
Дотогаш, ќе се чувствуваме екстра безбедни со 50.000 ангажирани полицајци за “одигрување“ на уште некој можен напад на денот „Д“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.