Daily news
Донев: Потенцијалот за туризам е голем онолку колку што сакаме да инвестираме

Потенцијалот за туризам е голем онолку колку што сакаме да инвестираме во нашите заедници, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев, кој со свое обраќање учестуваше на првиот национален собир „Авантуристички туризам во Албанија“.
„ Авантуристичкиот туризам не бара од нас да се прилагодиме на пазарот, туку прилагодување на самиот пазар на нашите силни страни – силните страни кои со векови се усовршуваат преку нашите култури и кои се вкоренети во нашата храна, вино, музика, пејзажи и култури. Затоа, националното наследство, локалните заедници, автентичноста и разновидноста на регионот треба да бидат во сржта на нашите туристички производи“, рече Донев.
Во обраќањето, Директорот на Агенцијата за туризмот потенцираше дека треба да се земе во предвид оти 70 проценти од приходите од авантуристичкиот туризам остануваат во локалните економии, наспроти 10-15 отсто приход од конвенционалниот туризам. Донев додаде деја на овој начин, локалната заедница има бенефит, а истовремено се поттикнува и вистинската одржливост, па оттука блиската регионална соработка во туризмот е од големо значење и заеднички интерес за нашите земји.
„Со зголемување на соработката помеѓу институциите на национално ниво, ќе ја подобриме животната средина која ќе резултира со создавање на подобри регионални производи, особено во прекуграничниот регион, како што се регионот на Шар Планина, Кораб, Охридско Езеро итн. На овој начин, туризмот го градиме почнувајќи од дното па нагоре, и тоа на начин кој е одржлив. Потенцијалот за локален, авантуристички, автентичен туризам е голем онолку колку што сакаме да веруваме и да инвестираме во нашите заедници. Можностите се бројни онолку колку и љубовта кон нашите култури и нашата посветеноста за зачувување на нашиот начин на живот низ целиот Балкан“, заклучи Донев.
Настанот беше организиран од страна на Министерството за туризам и животна средина на Република Албанија, во соработка со Федерацијата за спортови во природа.
Во рамки на настанот, Донев оствари средби со Премиерот на Република Албанија, Еди Рама, Министерот за туризам и животна средина на Република Албанија, Бленди Клоси, претставниците од Федерацијата за спортови во природа, како и со повеќе претставници од разни области на туризмот во Албанија и регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.