Daily news
Заблуди кои ни ги кажуваа на училиште
Новите сознанија и развојот во науката откриваат многу податоци, кои од темел го менуваат погледот на светот околу нас, па така некои факти за кои верувавме дека се точни паѓаат во вода.
Дијамантот е најцврста материја во природата
Овој факт повеќе не може да се смета за точен. Дијамантот се сметаше за најцврст се до 2009 година, кога се пронајдени дури три поцврсти материи. Една од нив е смеса на минералите вуртцит и борон-нитрид (BN), а другата е лонсдалеит, познат како шестоаголен дијамант. Приматот во оваа категорија на крајот го презеде кристалниот кубичен борон-нитрид, но сите три супстанции се многу ретки во природата.
Плутон е планета
Не, не е. Уште кон крајот на 19 век научниците сметале дека во Сончевиот систем постои девета планета. Плутон е откриен 30 години подоцна, сосема случајно. Имено, научниците сметале дека постои планета Х, бидејќи нивните пресметки за патувањето на Уран и Нептун укажувале на можноста дека постои планета која влијае на нивното движење. Клајд Томбах од Аризона ја забележал таа нова планета во 1930 година, а Плутон се до 2006 година се сметала за девета планета на Сончевиот систем, кога Меѓународната астрономска унија објавила дека Плутон поради својата големина и орбита, сепак не спаѓа во категорија на планети.
Вештерките од Салем се запалени на клада
Дека тоа никогаш не се случило потврди Ричард Траск, архивар кој го проучувал тој град и тоа време. Вештерките во Салем не биле запалени на клада, туку биле обесени. За целото недоразбирање виновна е Црквата која ересот по обичај го казнувала со запалување.
Израелски робови ги изградиле египетските пирамиди
Ова е една од најраспространетите заблуди и погрешни толкувања, а вистината е целосно поинаква. Имено, Евреите не можеле да ги изградат пирамидите во Египет, бидејќи во тоа време таму не постоеле. Овој мит го проширил наводно поранешниот израелски премиер Мехачем Бегин, кога бил во посета на Египет во 1977 година. Најновите археолошки ископини покажале дека пирамидите ги изградиле самите Египќани. Таа макотрпна работа била на сиромашните жители, кои поради тоа во својата земја биле многу почитувани.
Ни недостига алка која би не поврзала со приматите
Така барем се сметаше додека научниците не ја пронајдоа Ида, алка која недостасуваше во синџирот на еволуцијата од мајмун до човек. Одлично зачуваниот скелет на суштество старо 47 милиони години го откри Џон Хурум во 2009 година. Откритието на овој единствен фосил е едно од најзначајните откритија на векот. Darwinius masillae како што го нарекле во чест на 200 години од раѓањето на таткото на теоријата за еволуцијата, Чарлс Дарвин, е алка која го раздвојува нашиот примат, луѓето, мајмуните и човеколиките мајмуни, од примитивните форми на приматите. Ида била долга 53 сантиметри и стара од 6 до 9 месеци. Научниците се сигурни дека се работи за женка сметајќи дека нема коска кај пенисот, која ја имаат сите пониски примати.
Кинескиот ѕид е единствена градба која се гледа од вселената
Иако многумина веруваат во оваа теза, тоа не е вистина. Во 2003 година ова го оспори астронаутот Јанг Ливеј, кој рече дека не видел баш ништо од ѕидот.
Постојат пет или три царства во класификација на живите суштества
Живите суштества на Земјата прво се делеле на растенија, животни и бактерии, а подоцна поделбата била зголемена, па биле поделени на прокариоти, протисти, печурки, растенија и животни. Но, состојбата се менува од ден во ден, а научниците тврдат дека системот треба да се прошири за уште неколку царства. Така на пример, едно од новите царства го сочинуваат архебактериите, кои прво биле ставени во бактерии, но се покажало дека нивниот молекуларен состав бил поинаков, па веќе сега зборуваме за шест царства, а се упатува на тоа дека ќе има уште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.