Daily news
Заврши второто издание на фестивалот за критичка култура КРИК
Со перформансот „Настанување со музејот“ на рускиот уметнички колектив „Что делат“ и локалните учесници од Македонија, вчеравечер заврши второто издание на фестивалот за критичка култура КРИК.
„Беше чест да се работи со гостите од колективот „Что делат“, изминативе денови беше интензивно, но инспиративно искуство бидејќи научивме што значи колектив и што значи концентриран процес на развивање идеја“, рече Искара Гешоска од „Контрапункт“, која им се заблагодари и на учесниците од Македонија и на членовите на рускиот колектив кои отворија многу прашања од нашиот културен контекст.
Перформансот што беше изведен во Музејот на современата уметност е резултат на петдневниот семинар на колективот „Что делат“ од Санкт Петербург, овој пат предводен од Цапља Олга Егорова, Нина Гастева, Оксана Тимофеева и Дмитри Виленски, во соработка со локалните учесници, млади актери, уметници, политиколози, историчари на уметност: Јасмина Билаловиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Билјана Димитрова, Игор Таневски, Ребека Лазова, Мартина Спасовска, Кристијан Јованоски, Ивана Секулоска, Наташа Животиќ, Стефан Китановиќ и Кристина Мазнеска.
Перформансот се одржа во салите каде што се изложени делата од колекцијата на МСУ. Учесниците со своите тела создаваа фигури и слики и раскажуваа свои кратки приказни.
„Нашата цел беше многу едноставна и скромна – секое уметничко искуство е трансформативно. Забележавме дека овде постои проблематизирање и јаз меѓу перформативната уметност и еден вид молк на главно модернистичките објекти. Не знам колку тие го изразуваат македонскиот дискурс во современата уметност. Ние дадовме еден перформативен тон за да внесеме живот во просторот на Музејот бидејќи уметничките дела се и реални, но истовремено не се, а живите луѓе секогаш се реални. Ова беше дел од нашата едукативна работа кога и ние и учесниците можеме да пробуваме разни работи, да разговараме и да пробуваме“, рече Дмитри Виленски.
Тој објасни дека со перформансот во Скопје тие сакале да посочат на актуелната дебата што се води во уметничкиот свет за тоа дали музеите се само место за перформанс, односно уметнички чинови или и места на јавни активистички чинови што ја губат својата оригиналност, а кои може да се развијат во разни насоки. Според него, тоа е клучно прашање на визуелната уметност денес како да се направат нови фузии, сојузништва. „Тоа е многу интересно и возбудливо, не сакам да им го намалам значењето на сликите или видеата, но се случува нов развој и треба навистина внимателно да гледаме и да разбереме зошто се случуваат работите“, рече Виленски.
Учесниците говореа за своите искуства, кои биле позитивни и едукативни, тие беа воодушевени од отвореноста, непосредноста на пристапот низ целиот процес што го поминаа за време на петтдневниот колаборативен семинар.
За крај на фестивалот што се одржуваше во Музејот на современата уметност гостите и публиката уживаа во музичкиот настап „Огледалце, огледалце, кој е најубав на светот?“ со EgoTRIP.
„Контрапункт“ и фестивалот за критичка култура КРИК се поддржани од: Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, Гете-институтот Скопје, Фондацијата „Култура нова“ од Хрватска, „Фармахем“ и Министерство за култура на Република Македонија. Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музејот на современата уметност – Скопје и порталот „Окно.мк“. Постојани стратешки партнери на „Контрапункт“ и на КРИК се: „Мама“ од Загреб и kuda.org од Нови Сад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.