Daily news
Заврши јубилејното прославување на „Скопје постер фестивалот“
Затворањето на последните изложби од „Скопје постер фестивалот“ во Музејот на град Скопје го заокружи 10-то јубилејно издание.
Фестивалот, што се одржа од 14 ноември до 4 декември, пред посетителите понуди изложби, мастер-работилници, дизајн-конференција, панел-дискусија, дружење со менторите и забавна вечерна програма.
Жирито составено од графички дизајнери од 5 земји имаше задача да ја направат селекцијата од илјадници пристигнати плакати од 68 земји во светот на 10. Скопје постер конкурс на тема „Вештачка реалност“. Стотина финалисти, меѓу кои и 4 автори од Македонија, се пласираа во почесната селекција за избор на најдобрите. Главните награди ги освоија дизајнери од Полска и Русија, наградите од жирито беа доделени за плакати од Македонија и Унгарија, а дригите 6 почесни ги добија млади дизајнери од Канада, Кина, Полска, Унгарија.
Јубилејниот „Скопје постер фестивал“ го посетија Лекс Древински, Лех Мајевски, Реза Абедини, Свен Сориќ и Хрвоје Спудиќ, придружени од македонските дизајнери Лазе Трипков и Иван Дургутовски, гости и членови на жирито што создадоа одлично фестивалско уживање за креативците.
Во рамките на фестивалот на 17 ноември се одржа панел-дискусија на тема „Дизајнот и социјалната инклузија“ и дизајн-конференција со наслов „5 искуства за успешен дизајн“. Панел-дискусијата со учество на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, заменик-шефот на УНДП, Нарине Сахакјан, и заменик-амбасадорот на Амбасадата на Швајцарија, Стефан Томаџијан, надополнета со презентација на Лазе Трипков за влијанието што го има дизајнот врз општествените промени и за поголема вклученост на маргинализираните групи, понуди корисни искуства и послужи за создавање основи за понатамошна соработка на владиниот сектор и меѓународните организации, од една страна, и креативните работници, од друга. Детали за иницираните проекти ќе бидат објавени набргу.
Освен јубилејната конкурсна поставка, проследена со изложби од работилниците во светот, на фестивалот беа прикажани и изложби на Современ македонски плакат со учество на плакатисти од земјава, на дела од работилниците со Реза Абедини и Лекс Древински, како и изложба на аналогни плакати на дуото Свен и Хрвоје – This Town Needs Posters од Хрватска. Издвоената специјална изложба на 50 дела од жири-членовите се одржа во ресторанот Four.
Фестивалот, поддржан од Министерството за култура, се одвиваше на 5 локации, Музејот на град Скопје, „Брик бар“, „Твинс“, рестораност Four, „Парк хотел и спа“.
Во наредните месеци изложбата на тема „Вештачка реалност“ ќе биде прикажана во неколку градови во Македонија. Полска и Турција се само првите од серијата планирани постфестивалски дестинации надвор од земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.