Daily news
(Видео) Заев: Владата е решена да го негува македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење
Во мое име и во име на Владата на Република Македонија овде пред вас уште еднаш ќе испратам јасна порака дека новата Влада искрено и силно е посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Ова го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој денеска имаше свое обраќање на меѓународната научна конференција „Минатото на јазичниот свет денес и утре“ по повод отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
„На споменикот на великанот на македонското теоретско – јазичко и песничко творештво, нашиот Блаже Конески, поставен пред Македонската академија на науките и уметностите, не случајно стојат неговите зборови: ‘Јазикот е мојата татковина’. Тоа го знаеле генерациите пред нас. Тоа го знаеме ние, денешните генерации. Тоа наследство, јазикот, самосвеста за неговата закрила, како кров над нашите глави, и обврската да го сочуваме и унапредуваме, достојно ќе ги предадеме и на генерациите по нас“, рече премиерот Заев.
Тој рече дека Владата е мотивирана од вербата во знаењата на Конески, но и од духовната упорност на браќата свети Кирил и Методиј, од трпението на свети Климент, од визионерството на Крсте Петков Мисирков и тоа ќе го направи заедно со сите лингвисти, книжевници, професори, научни кадри, љубители на зборот, како што ѝ доликува на една сериозна влада и држава којашто се грижи за своите граѓани и на начин како што доликува да биде третиран, развиван и промовиран македонскиот јазик.
„Кон македонскиот јазик гледаме како кон наука. Третманот на македонскиот јазик ќе биде сеопфатен и стратешки, исто како и кон институциите што се занимаваат со македонскиот јазик, меѓу кои секако и Институтот за македонски јазик, организатор на оваа важна конференција. Подготвени сме како Влада да вложуваме во капацитети што ќе ја развиваат употребата на македонскиот јазик“, нагласи Заев.
Македонскиот јазик, како што рече тој, да биде правилно употребуван во Република Македонија и подостапен за изучување во странство.
Премиерот Заев наведе и неколку мерки со кои ќе се подига, негува и унапредува македонскиот јазик, како: поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции); поддршка за повторното отворање лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во земјите од ЕУ; засилување на врските со дијаспората и преку финансирање часови по мајчин јазик во државно-конзуларните претставништва, во градови каде е изразен доволен интерес за тоа.
„Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации. Како Влада работиме и ќе работиме според потребите, заедно со сите вас овде и со сите кои чувствуваат дека можат и сакаат да придонесат во афирмацијата на македонскиот јазик“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.