Daily news
Заев до Нетанјаху: Имаме што да учиме од Израел
Премиерот Зоран Заев во рамките на посетата на Израел имал средба со неговиот домаќин, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Стоиме заедно на страната на мирот во светот, е пораката што ја испратиле двајцата премиери во заедничката изјава за медиумите.
„Гледаме заедно кон подобра иднина. Ги разгледуваме начините и полињата каде што можеме да соработуваме во интерес на луѓето и на нашите земји. Научивме од минатото како да ја обезбедиме иднината. Израел е технолошки развиена земја и ќе и помогне на Република Македонија“, соопштил Нетанјаху.
Заев оценил дека за Македонија имаат значење искуствата на Израел во иновациите и старт ап бизнисите, и дека новата Влада ќе ги употреби нив за калитетен живот на нашите граѓани.
„Имаме чест да сме во Израел. Го посетивме израелскиот претседател на државата, имавме состанок со бизнис заедницата, посетивме успешни компании коишто почнале како старт ап компании, значајни компании со коишто се надеваме дека ќе имаме натамошна соработка на економско ниво.
Со Израел немаме отворени прашања, пријателски земји сме. Се надеваме дека нашата соработка со Израел ќе биде на две нивоа, околу безбедноста и светскиот мир, она за што е Израел добар пример во светот. Се надеваме дека низ организациите како што е НАТО ќе продолжиме да соработуваме, бидејки заканите од радикализмот и екстремизмот се присутни овде во Израел и во овој регион, но исто така и за Македонија и во регионот на Западен Балкан. Соработувавме на полето на безбедноста и одбраната досега и знам дека ќе ја зголемиме соработката, бидејки е интерес на сите граѓани и нации“, рекол Заев.
Според него, имаме што да учиме од Израел, за технолошкиот развој и иновациите, за старт ап компаниите, со цел да отвориме работни места за младите, што е една од најважните работи за еден премиер и за една Влада.
Во изјавата Заев ја нагласил и определеноста на Владата и на граѓаните на Македонија за почитување на културното наследство на Евреите.
„Потенцирам дека Македонија со голема почит го негува културното богатство на Евреите во нашата држава. Го одржуваме сеќавањето на жртвите од Холокаустот, со порака никогаш да не се повтори. Во 2011 година, беше отворен Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, а од 2015 година активно се работи кон целосна обнова и рехабилитација на Еврејските гробишта во Битола и изградба на Спомен парк“, рекол премиерот Заев.
По изјавите, претседателот на Владата Заев и владината делегација биле на работен ручек со премиерот Нетанјаху. Притоа било договорено продлабочување на економската соработка преку воспоставување на програма за технолошко усовршување и поддршка за иновации. Разгледани биле можности, инженери, математичари, претприемачи од акедонија да престојуваат во Израел и да соработуваат со старт ап фирми во високата технологија.Се разговарало и за израелски инвестиции во Македонија, за поинтензивни бизнис средби, како и за организирање поголем бизнис форум, по можност до крај на годината, со цел зајакнување на соработка меѓу приватниот сектор од двете држави.
Исто така биле разгледани и условите за засилена соработка во земјоделство, преку размена на искуства во технологијата и конкретни инвестиции, во енергетиката, со оглед на хидро-потенцијалите и обновливите извори на енергија со коишто изобилува Македонија, а Израел има големи искуства во нивната примена, како и во областа на туризмот. Во таа насока била разгледана можноста за директна авионска линија на релација Скопје – Тел Авив.
Премиерот Заев во Израел беше на средба и со лидерот на опозицијата, пратеникот во Ксенсетот, Јицхак Херцог, со што ја завршува успешната работна посета на Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.